понеделник, 21 октомври 2024

Поранешен премиер на Федерацијата Босна и Херцеговина оди во затвор

Поранешниот премиер на Федерацијата Босна и Херцеговина Фадил Новалиќ ќе мора да оди во затвор бидејќи апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја потврди пресудата со која тој и уште две лица се прогласени за виновни за злоупотребa при набавка на респиратори за време на пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Информацијата за медиумите во Босна и Херцеговина ја потврди и самиот Новалиќ, иако државниот суд сѐ уште официјално ја нема објавено правосилната пресуда.

„Точно е, официјално не добивме изрекување на пресудата, но ме известија дека пресудата е потврдена. Сега следи извршување на пресудата. Да, одам во затвор“, рече Новалиќ.

Според пресудата, Новалиќ е осуден на четири години затвор, Фахрудин Солак поранешен директор на Управата за цивилна заштита на Федерацијата Босна и Херцеговина е осуден на шест години затвор, а Фикрет Хоџиќ сопственик на фирмата „Сребрена малина“ преку која се набавени спорните респиратори, во затвор ќе треба да помине пет години.

Дополнително, неговата компанија мора да врати во буџетот околу 360.000 евра незаконски профит и да плати уште 100.000 евра казни. Новалиќ беше осуден за злоупотреба на положбата и овластувањата, додека Солак исто така беше осуден за фалсификување и уништување службени документи.

Во пресудата на судот е утврдено дека тие потрошиле нешто повеќе од пет милиони евра за набавка на околу сто респиратори. Овие машини се купени во Кина по цени кои се покажаа значително повисоки од реалните, а освен тоа се покажаа и неупотребливи во болнички услови бидејќи се наменети за превоз на пациенти во амбулантни возила.

Фадил Новалиќ, како кадар од лична доверба на лидерот на Партијата за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ, на чело на федералната влада беше полни осум години, до почетокот на 2023 година.

Оттогаш, тој е претставник на СДА во Претставничкиот дом на ентитетскиот парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ