Златната бубамара била толку чекана, што половина час пред најавениот почеток на манифестацијата, што се одржа вчера, на 19 февруари, сообраќајниците околу арената „Борис Трајковски“ во Скопје беа блокирани од автомобили со регистарски таблички од цела Македонија. Јавните личности ја чекаат Бубамарата за да ги дополнат витрините со уште некоја статуетка, а публиката да слушне како „бубамарците“ им плескаат в лице на политичарите за сè што му лежи на душа на народот.
И се случи 28-та Бубамара, на која колку публиката беше подалеку од сцената, имаше “по-ВИП третман“. Така објасни Тино Костадиновски, поздравувајќи ги тие од највисоките и најоодалечините редови на салата, „тешејќи“ ги дека се сепак поблизу до сцената од, на пример премиерот Мицкоски на инаугурацијата на американскиот претседател Трамп, кој сепак се пријавил од ВИП – ложата. Беа ставени на „тапет“ политичарите, сегашни и поранешни, во стендапите на Жарко Јовановиќ, Тино Костадиновски, Сашко Коцев, Игор Џамбазов…, но и самите кажаа дека оваа година се со „поштеда“ заради прва година од мандатот. Сепак, порачаа дека ги следат, па здравје в година – ќе добијат толку сатира колку што ќе заслужат, без „протекции“. Имаше и неколку идеи за актуелната дебата во јавноста за промена на државниот грб, па дури и во стилот на бубамарската сатира – и двоглава бубашваба, како симбол на неуништливоста на Македонија, Македонцците и сите опфатени со Рамковниот договор…
Во меѓувремето од стендапите и потоа, за забавата на Бубамара беа задолжени наградените и тие што ги доделуваа наградите. Статуетките „златни бубамари“ успеаја да предизвикаат емоции и кај искусните „волци“ на македонската естрада, кои пак со емотивни настапи ѝ возвратија на публиката.
Забавата започна со дамата на македонскиот поп-рок, Зорица Попанкова и изведбата на песната „Диско пар“, диско хит од пред 47 години.
Младата Ана Петановска ја доби својата прва „бубамара“ за најдобар вокал во 2024, која ѝ ја додели Сашо Гигов-Гиш, па заедно ја изведоа неговата песна „Моја гитара“.
Перо Христов дојде специјално од САД за да ја прими наградата за животно дело, а додека го држеше говорот, делуваше како да се обидува да ги задржи солзите.
На сцената се појави и Дарио во црвен смокинг, кој доби награда за трајни музички вредности и во својот говор најмногу ѝ се заблагодари на својата публика, за на крај и да им се поклони на сите присутни во арената. Неговиот настап доби „додадена вредност“ со танчерската придружба на сцената на светските прваци во танц, „Денсерс јунајтед“.
Игор Џамбазов со многу емоции ја изрецитира „Тешкото“ и доби стоечки овации.
Сузана Спасовска, исто така доби стоечки овации за емотивната изведба на „Судбо моја“, откако ја доби наградата за трајни вредности. Додека беше на сцената, на видеобимот беше емитуван инсерт од стар концерт на примадоната на македонската народна песна од првата генерација, Васка Илиева, каде Сузана ѝ ветува дека ќе ја негува и чува македонската музика .
Казухиро Котецу дојде дури од Јапонија за да присуствува на манифестацијата. Пејачот, кој е огромен фан на Јонче Христовски, ја испеа „Ако умрам ил загинам“, што беше вовед во своевиден омаж од Бубамара за авторот на многу, денес веќе идентитетски песни за Македонија, кои се препознаваат како македонски народни.
Почестена беше и Калиопи, која испеа неколку свои хитови, доби овации, а публиката направи и ѕвездено небо за неа.
Беа спомнати и талентираните луѓе што ги изгубивме лани и годинава, вклучувајќи ги Атина Апостолова, Константин Икономов, Лазар Лечиќ, Џаро, Љупчо Константинов, Анка Гиева, Мирко Попов, Оливера Николова и Снежана Стамеска.
Слаткар и „Некст тајм“ добија награда за песна на годината за хитот „Океани“, посветен на сите иселени од земјата. На сцената, Слаткар, во краткиот но емотивен говор, посака во иднина поретко да треба да се фокусираме на вакви болни теми.
Групата „Меморија“ одлучи да му ја предаде наградата на нивниот голем фан од Прилеп – Филип Николоски – кој се качи и на сцена, па со своите идоли испеа неколку песни.
„Златни бубамари“ добија и Театарот за деца и младинци за претстава „Роња“, „К-15“ за 30 години хумористично – сатирична дејност во Македонија, Стевче Стојковски и неговиот оркестар, фудбалската легенда Илија Најдовски, сликарот Мирослав Масин, но и легендата на ромската песна, скопјанецот Муарем Сербезовски… Дарја Ризова и Ѓорѓи Јолевски беа прогласени за најдобри актери во 2024, додека новата хит-претстава на „12“ од МНТ беше прогласена за претстава за 2024 година.
Ј.П.