вторник, 22 октомври 2024

Поради влезот на Северна Кореја во војната, повторно се зборува за испраќање војници од ЕУ во Украина (ВИДЕО)

Извештаите дека илјадници севернокорејски војници наскоро би можеле да им се придружат на Русите во борбата против Украинците ги оживеаја разговорите за испраќање европски трупи во нападнатата земја за да им помогнат на украинските бранители, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис завчера изјави за Политико дека е време европските земји да ја преиспитаат идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за распоредување војници во Украина.

„Ако се потврдат информациите дека руските одреди на смртта се опремени со севернокорејска муниција и воен персонал, мора да се вратиме на идејата за испраќање војници и други идеи предложени од Макрон“, рече Ландсбергис, еден од најжестоките европски застапници за Украина.

Францускиот претседател изнесе таква идеја во февруари, но германскиот канцелар Олаф Шолц брзо ја отфрли, ветувајќи дека во Украина нема да бидат распоредени ниту европски ниту НАТО сили.

„За жал, повторно доцниме, реактивни сме, но верувам во нашата колективна способност да ги преземеме сите неопходни проактивни чекори за да ги претвориме идеите на претседателот Макрон во дело“, додаде Ландсбергис.

Засега, западните лидери внимателно ги следат извештаите за Севернокорејците кои, според украинските и јужнокорејските разузнавачи, почнале со обука за војната во Украина.

Ниту шефот на НАТО, Марк Руте, ниту американскиот секретар за одбрана Лојд Остин не ги потврдија извештаите што ги споделија лидерите на Јужна Кореја и Украина, иако Остин рече дека таквото распоредување, доколку биде потврдено, ќе „предизвика загриженост“ во САД.

Во меѓувреме, Јужна Кореја планира да испрати делегација во седиштето на НАТО во близина на Брисел за да разговара за своите разузнавачки наоди за движењата на севернокорејските сили. Некои официјални лица велат дека Западот е премногу претпазлив.

„Мислам дека тие го користат тврдењето дека разузнавачките податоци не се потврдени како изговор да не прават ништо“, рече Рихо Терхас, конзервативен естонски пратеник во Европскиот парламент и поранешен генерал. „Сигурен сум дека извештаите ќе бидат потврдени многу брзо бидејќи навистина е така“, односно дека Севернокорејците се приклучуваат на руската страна.

Терхас, сепак, го минимизираше значењето на таквиот потег, за кој рече дека покажува дека Путиновата Русија е „очајна и бара опции бидејќи не сакаат самите да спроведат мобилизација“. Покрај тоа, рече тој, интегрирањето на илјадници севернокорејски војници во единиците од руско говорно подрачје ќе се покаже како голем оперативен предизвик со минимални ефекти на бојното поле.

Сепак, додаде тој, Европејците треба да ја преиспитаат идејата за распоредување сили во Украина.

„Важно е ова да се има барем како опција“, рече Терхас, кој беше командант на вооружените сили на Естонија од 2011 до 2018 година. „Секогаш кога зборуваме за европски војници во Украина, тоа создава несигурност кај Путин за тоа во која насока ја води својата војна и тоа е добро“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ