понеделник, 21 октомври 2024

Помошник на генералниот секретар на НАТО: Не може да се зборува за членство на Косово во Алијансата

Во сегашната ситуација не може да се зборува за членство на Косово во Северноатлантската алијанса, а НАТО не сака никакви еднострани чекори во врска со мостот на Ибар во Косовска Митровица, порача помошникот на генералниот секретар на западниот воен пакт Борис Руге за Кљан Косова.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој додаде дека знае дека претставници на приштинските власти разговарале за Партнерството за мир кое треба да биде првиот чекор.

„Како што знаете, ова е нешто што бара консензус, 32 земји членки на НАТО треба да гласаат за ова. Во моментов одиме кон Партнерство за мир. Но мислам дека фактот што ставот на народот на Косово кон НАТО е толку позитивен е нешто што треба да го земеме предвид“, наведе Руге.

Зборувајќи за дијалогот на Белград и Приштина тој потсети дека тој процес трае веќе подолго време.

„Разбирам дека постојат фрустрации во врска со тоа, но нашата политика во НАТО нè тера да го поддржуваме дијалогот кој води во Европската Унија и не губиме надеж дека процесот може да продолжи. Би го истакнал фатот дека го имаме Берлинскиот процес, а во Берлин беше унапреден и Договорот за слободна трговија, па сега Косово седи на масата на ЦЕФТА, заменувајќи го УНМИК. Ова го отвора патот за економска зона на Западен Балкан, што е исклучително важно бидејќи ниедна земја од Западен Балкан не е доволно голема да постои сама“, оцени тој.

Руге додаде дека го познава косовскиот премиер Аљбин Курти, но истакна дека НАТО не сака никакви еднострани чекори во врска со мостот на Ибар.

„Кога зборуваме за мостот на Ибар морам да го повторам она што го кажав во август и што го кажа адмиралот Сјуарт Манч, командантот на командата во Наполи, дека не сакаме никакви еднострани чекори со овој мост. Разбираме дека овој мост бил предмет на преговорите со посредување на ЕУ, постои начелен договор дека мостот треба да биде целосно отворен, но не сакаме еднострано дејствување по тоа прашање“, истакна Руге.

Наведе и дека НАТО не планира дополнително да го зголеми бројот на војници во рамки на Кфор, оценувајќи дека тоа што сега го имаат е доволно за мирна и безбедна атмосфера.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ