петок, 18 октомври 2024

Полскиот претседател Дуда ги осуди медиумските реформи на Туск како „анархија“

Новата полска влада, предводена од премиерот Доналд Туск, спроведува реформи во државните медиуми кои се слични на „анархија“, изјави денеска претседателот на земјата, Анджеј Дуда.

Објавено на

часот

Сподели

Според Ројтерс, се зголемија тензиите меѓу Дуда и новата проевропска влада на Туск, која во средата го исклучи јавниот канал за вести од етер и ги отпушти директорите на државните медиуми во, како што рече, обид да ја врати непристрасноста.

Државните медиуми, вклучително и каналот ТВП Инфо, беа обвинети дека, за време на претходната влада, станале средства за националистичка пропаганда на партијата Право и Правда (ПиС), чиј сојузник беше Дуда.

Претседателот на Полска за приватната радио станица Зет изјави дека оваа ненадејна промена е кршење на Уставот, бидејќи, како што тврди, биле прескокнати одредени собраниски процедури. „Овие акции се целосно незаконски. Ова е анархија“, нагласи Дуда.

Како одговор на апелот на претседателот, Туск додаде дека активностите на неговата влада се насочени кон „враќање на правниот поредок и општата пристојност во јавниот живот“.

Владата на Доналд Туск смета дека Дуда претходно бил вклучен во повеќекратно прекршување на Уставот во текот на осумте години на власт на ПиС.

Поранешниот полски министер за надворешни работи Мариуш Камински и неговиот заменик во средата беа осудени на две години затвор поради злоупотреба на службената положба на нивните претходни позиции, пренесува Ројтерс.

Во 2015 година, неколку недели откако ПиС дојде на власт, претседателот Дуда му даде помилување на Камински, кој беше прогласен за виновен за злоупотреба на власта додека служеше како шеф на агенцијата за борба против корупцијата. Помилувањето му овозможи да стане министер.

„Им реков дека ако бидат ставени во затвор, тие ќе бидат првите политички затвореници во Полска од 1989 година“, рече Дуда, мислејќи на годината кога падна комунистичката власт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ