сабота, 19 октомври 2024

Полскиот министер за одбрана нареди формирање воена група на границата со Белорусија

Објавено на

часот

Сподели

„Нема никаков сомнеж дека белорускиот режим соработува со Русија, а нападите на Полската граница имаат цел да ја дестабилизираат нашата земја. Полските граници се загрозени. И понатаму сме сведоци на притисок на полската граница, обиди на нелегални мигранти да ја поминат, а на тоа ги наведува белорускиот режим“, кажа денес Блашчак во полската воена база на границата со Белорусија.

Полскиот министер за одбрана кажа дека во операцијата Гриф, засилено обезбедување на границата со Белорусија, на граничната стража ќе ѝ помагаат до 4.000 војници со најсовремена опрема и вооружување, вклучувајќи дронови „бајрактар“ и борбени хеликоптери.

Полската гранична стража неделава побарала помош од 1.000 војници, но министерот Блашчак одлучил на истокот на границата да префрли дури 10.000 војници, од кои 4.000 ќе ја чуваат границата, а 6.000 ќе претставуваат резерва.

Додека не беше поставена оградата со камери и сензори висока 5,5 метри на границата со Белорусија, ја обезбедуваа вкупно 15.000 припадници на полската војска и граничната стража, а подоцна дел од војниците се повлекоа.

Тензиите на границата на Белорусија и Полска се зголемија кога во Белорусија летоска се префрли руската приватна безбедносна компанија Вагнер.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко на крајот на оваа недела кажа дека му наложил на премиерот да почне дијалог со Полска за да се поправат односите.

Заменик министерот за надворешни работи на Полска Павел Јаблонски на тоа одговори дека „ако Лукашенко навистина сака да ги поправи односите, тоа го може многу едноставно: престанете да ја напаѓате нашата граница, пуштете го од затвор Анджеј Почобут и повеќе од илјада политички затвореници и не водете повеќе хибридна војна против Полска“.

Оваа година преку границата со Белорусија во Полска се обиделе да влезат над 19.000 нелегални мигранти, а минатата година, според податоците на граничната стража, ги имало 16.000.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ