петок, 18 октомври 2024

Полски нуркачи пронашле сандаци со шампањ од пред 170 години на дното на Балтичкото Море

Полски нуркачи објавија дека минатата недела откриле остатоци од брод од 19 век кај шведскиот брег на Балтичкото Море, чие складиште било полно со шампањ и порцелански предмети.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

„Потонатиот брод е полн со сандаци со шампањ, минерална вода во глинени шишиња и порцелан“, изјави за АФП Томаш Стахура, шеф на нуркачката група „Балтиктек“.

„Во тоа време, минералната вода се третирала речиси како лек и била достапна само на кралските маси“, вели тој.

Според него, меѓу пронајдените предмети има и околу сто шишиња шампањ.

Откритието, на околу 20 наутички милји јужно од шведскиот остров Оланд, била во голема мера случајност, според нуркачите кои со години го чешлаат дното на Балтичкото Море во потрага по остатоци.

„Истражувавме нови места од чиста љубопитност и тогаш наидовме на овие остатоци од брод“, рече Стахура.

Откривањето на минерална вода во затворени глинени шишиња овозможило да се утврди дека бродот потонал во втората половина на 19 век.

„Успеавме да го фотографираме печатот на шишето, кое се покажа дека припаѓа на германскиот бренд Селтерс – и овие печати во тоа време имаа специфична форма“, објасни Стахура.

Нуркачите ги информирале шведските регионални власти за своето откритие.

Тие исто така нагласија дека шампањот нема да биде ваден во скоро време поради административни ограничувања.

„Лежеше таму 170 години, па да го пуштиме уште една година, ќе имаме повеќе време правилно да се подготвиме за оваа операција“, заклучи Стахура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ