сабота, 19 октомври 2024

Полска ќе одржи референдум за реформата на европската политика за азил

Објавено на

часот

Сподели

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го најави референдумот во денешното обраќање кажувајќи дека на граѓаните ќе им се постави прашањето „дали поддржуваат примање на илјадници нелегални мигранти од Блискиот Исток и од Африка според механизмот на задолжителен прием кој го наметнува европската бирократија“.

Резултатот на референдумот, кој ќе се одржи на 15 октомври, на денот кога во Полска се одржуваат парламентарни избори, нема да влијае на европските планови.

Министрите за внатрешни работи на ЕУ гласаа на 8 јуни за целосна реформа на системот за азил со доволно мнозинство гласови.

Според тие планови, барањата за азил на мигрантите кои доаѓаат од земји кои имаат стапка на прифаќање помала од 20 отсто ќе бидат разгледани на европските надворешни граници во рок од 12 недели.

Компромисот предвидува и дека прифаќањето бегалци повеќе нема да биде доброволно, туку задолжително. Земјите кои не сакаат да ги примат ќе платат казна.

Покрај Унгарија, Полска со владејачката партија Право и правда која е на власт од 2015, жестоко се противи на тие планови барајќи секоја држава членка да може да одлучи како да им помогне на членките на ЕУ кои ќе примат особено голем број мигранти.

Популарноста на полската националистичка влада е под притисок поради високата инфлација и бројните скандали. Опозицијата обвинува дека со референдумот сака да ги мобилизира гласачите и да ги разгори популистичките чувства кон азилантите.

Освен миграцијата, на референдумот Полјаците ќе се изјаснат и за приватизација на државните претпријатија и кревањето на старосната граница за пензија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ