„Бројката надмина повеќе од 100 повредени, нападнати полицајци. Пред десетина дена отпочнавме со симболичен бројчаник, кој за брзо време јавноста ќе го види пред Триумфалната капија, а со кој ќе се бројат нападнатите полицајци од лошите закони кои во моментов ги има Македонија, не заради полицајците, заради иднината на моите внуци, на вашите внуци и на цела држава. Законите мора да се прилагодат на европските закони“, вели Делчев Тодев.
На ризичните услови за работа реагира и затворската полиција. Тихомир Ивков, претседател на Независен синдикат на затворската полиција при КПД Штип вели дека има случаи на палење на возила на затворски полицајци, закани по нивните семејства.
„Ова се само дел од ризиците со кои се соочуваат тие“, вели Ивков.
Освен што се соочуваат со закани и напади, додава тој, работат и за минимални плати.
„Имаше напад на колеги при извршување претрес во просториите на КПД Штип, имаме најмалку десет повредени колеги. Се има случувано палење на возило на колеги, закани на колеги по фамилии, по деца. Моментално состојбата на полицајците е на некое најниско ниво. Немаме плати, платите ни се ниски. Во затворска полиција има и минимална плата. Работиме ризични работи, со доживотно осудени лица“, рече Ивков.
Протестниот караван започна од пред Градскиот стадион во Штип, од каде Независниот полициски синдикат се движеше до Плоштадот „Слобода“. По првиот ваков протест, ќе следуваат уште два во источна Македонија и три во западна, а централниот ќе се организира во Скопје.