петок, 18 октомври 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Појавата на македонскиот протонационализам: Патот кон создавање на македонската национална посебност

Во почетната фаза од развојот на македонскиот протонационализам, значаен фактор во неговата стабилност и динамика бил конфликтот меѓу балканските национализми.

Во нивните напори да ги ослабнат или негираат своите конкуренти, тие често, директно или индиректно, свесно или не, придонесувале за насочување и обликување на раниот македонизам. Од друга страна, протонационалната свест кај македонистите најповеќе се засновала на следниве фактори: јазикот, фолклорот, обичаите, традициите и локалните интереси – симболи што тие сега ги идентификувале со Македонија и по кои се разликувале од своите соседи и од другите. Нивното чувство за припадност кон самите себе и во однос на другите го изразувале со дихотомија: ние-тие; наш-туѓ – феномен познат уште и како „нашизам“.

Деценијата по Големата Источна криза (1875-1881) се смета за релативно мирен период во инаку бурниот XIX век, обележан со пресвртни настани. Овој период од првата фаза на „македонското прашање“ се карактеризира главно со пропагандна војна меѓу Грција, Бугарија и Србија за „срцата и душите“ на македонското словенско население. Во големодржавните планови на малите балкански нации-држави, на еден или друг начин, цела или одредени нејзини делови, билe вклучени и територијата на османлиска Македонија. Во прв план нивните интереси се судирале околу територијата на Македонија и нејзиното доминантното христијанско православно население. Ако на грчката, на српската и на бугарската држава донекаде им успевало пропагандното докажување на тоа колку и како имаат право на територијата на Македонија (базирајќи се, пред сè, на т.н. историски права), тогаш претставувањето на тоа кој ја има популационата предност се покажало како тежок предизвик. Во османлиска Македонија недостасувала идејата за дефинирање на етницитетот, а неговото население често пати било квалификувано и како „македонска салата“. Македонските словени немале јасно развиено чувство за национален идентитет и нивните модели на самоидентитет биле обликувани од црковните организации (Цариградската патријаршија и Бугарската егзахија). Имено, „правото“ да се прогласи православното население за свој народ во Османлиската Империја, балканските држави го темелеле врз милет-системот. Во османлиското општество, терминот „милет“ се појавува во изворите со различни значења и можел да се однесува на религија, општество, нација и/или едноставно ритуал, но тој de facto единствено бил признат како самоорганизација на верските заедници. Оттука, милетот претставувал посебно религиозно-политичко тело со свои правни, економски и административни одговорности. Во рамките на еден милет било дозволено да се решаваат религиозни и културни прашања, да се издржуваат училишта и болници, да се регулираат граѓанско-правните односи и да бидат собирани даноци. Во раните фази од функционирањето на милет системот, акцентот бил ставан на универзалноста на верата, при што се занемарувале културните и јазичните разлики на заедниците што егзистирале во него, без притоа да се обидат да ги избришат тие разлики. Ако во овој период се случувала јазична и културна асимилација на локално ниво и во голема мера доброволно врз основа на релативното влијание на доминатната група, тогаш со национализацијата на православната црква, која почнала да се третира и доживува како „грчка“, започнал процес на поткопување на културниот и јазичниот интегритет на заедницата. Сепак, секоја јазична заедница, како впрочем и секоја културна заедница, не е во состојба да ги обедини историските колективитети кои не споделуваат иста свест за своето минато или ист политички проект. За грчкиот национализам, таквата „аномалија“ во рамките на овој тип заедници му овозможи да го наметне својот идентитет преку Цариградската патријаршија со елинизирање на црковните институции. Следствено, во првата половина на XIX век, доминантното христијанско македонско население, според грчките национални фактори, се сметало за не многу поразлично од гркофоното. Врз основа на припадност кон Цариградската патријаршија, односно членството во Рум-милетот, и употребата на грчкиот како официјален јазик во црковната литургија, словенското население не се третирало „ниту како Бугари, ниту како Срби, но едноставно како христијански браќа кои го поседувале или не го научиле грчкиот јазик, или пак биле во фаза на елинизација“.

Оттука, отсуството на формирана национала свест кај христијанскиот елемент дозволи грчкиот национализам многу лесно да ја третира таа заедница како „свое“ население во Османлиската Империја.

Тогашната официјална грчка политика издвои маркери според кои се одредувало „членството во грчката нација во Македонија“. Црковната припадност обично имала доминантна позиција. Потоа следеле малку понејасните термини, како што се „потекло“ и „свест“ или „чувства“, т.е. имало очигледно изедначување на потеклото на античките Македонци со грчката цивилизација, што, од друга страна, имплицирало „имање на грчка национална свест“. Конечно, јазикот како аргумент при определувањето на „грчката национална припадност“ се покажа како проблематичен. Ваквата состојба се должи на употребата на јазикот како главен аргумент од страна на Егзархијата, а потоа и на бугарската држава, при создавањето на „бугарска нација“ во Македонија. Според грчкиот историчар Тасос Костопулос, за бугарската политика „јазичниот национализам ја претставувал неговата појдовна точка и правна основа, а сродноста на славомакедонските дијалекти со бугарскиот јазик бил нејзиниот главен пропаганден аргумент“. Позитивните резултати на бугарскиот национализам во таквата стратегија на јазично изедначување, која претставувала „едно тврдење базирано повеќе на политичка стратегија, отколку на лингвистички докази“, биле сериозна закана за грчките национални интереси во Македонија. Првенствено, заканата била детектирана со трансферот на локалните христијани од Патријаршијата во Егзархијата, што во најголема мера зависело од разбирливоста на јазикот што се употребувал во литургијата на егзархиската црква.

За бугарскиот национализам почетната точка за дефинирање на националната територија биле границите на Голема Бугарија од Санстефанскиот договор од 3 март 1878 година. Санастефанските граници истовремено станале рамка за утврдување на бугарските територијални претензии кон османлиска Македонија. Раниот бугарски национализам, почнувајќи од формирањето на Егзархијата (1870), имала за цел, преку образованието и црквата, да всади бугарска национална припадност кај македонските Словени. Критериумите врз кои бугарските национални институции ги засноваа своите претензии кон територијата на Македонија и кон македонското словенско население произлегуваа од „заедничката историја и историските права“. Тие допираа до средновековните бугарски царства, митот за заедничко потекло, т.е. дека македонските Словени имале идентична етно-јазична припадност со Бугарите, како и црковната припадност кон Егзархијата.

Што се однесува до српската национална политика, таа своите претензии врз оваа територија ги засновала на историските права кои произлегуваат од средновековното српско царство и постоењето на население кое се сметало за „расно“ и јазично српско.

Од последната деценија на XIX век македонистите својата борба за посебен етно-јазичен идентитет ја насочувале преку формирањето на многубројни тајни или јавни здруженија и друштва. Најголемиот дел од нив биле формирани надвор од територијата на османлиска Македонија, пред сè во Софија, Белград или Русија. Членовите на овие здруженија најчесто издавале свои печатени гласила, иако малку по број и тираж, преку кои ги искажувале своите ставови и аспирации во однос на „македонското прашање“, истакнувајќи различни форми на македонска етничка посебност. Меѓу најистакнати задруженија од овој тип, биле: „Македонското литературно друштво (Софија, 1892) со списанието „Лоза“; студентското друштво „Вардар“ (Белград, 1893); Македонски клуб, со читална и списание „Балкански гласник“ (Белград, 1902); Македонското научно-литературно другарство (Петроград, 1902), кое во 1913 и 1914 година го издавало списанието „Македонски глас“.

Од овие групи произлегле некои од најпознатите идеолози и активисти на раниот македонизам, како Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Наце Димов, Стефан Дедов итн. Во тој контекст делото на Мисирков „За македонските работи“, објавено во Софија во текот на 1903 година, ги определува основните критериуми на македонската национална посебност и идентитет. Според него, интегративниот пристап игра значајна улога во дефинирањето на групната припадност, која подеднакво зависи од етно-културните карактеристики, како и од историските услови и чувството за заеднички интерес. Исто така, тој ги поставува основните белези на македонската самобитност: словенските црковно-училишни општини; јазикот; фолклорот; етничкото потекло и самостојниот одделен развој низ историјата. Мисирков смета дека за исполнување на политичките цели за автономија на Македонија не се доволни револуционерните методи на МРО, туку повикува на еволуциона работа внатре во рамките на Османлиската Империја. Меѓутоа, неговото дело по печатењето било запленето и уништено од бугарската власт, со што во тоа време немало непосредно пошироко влијание кај македонското население.

Паралелно со појавата на етно-јазичниот македонизам кај одредени македонски интелектуални дејци, од последната деценија на XIX век нова генерација македонски христијани започна да го развива ослободителното движење преку формирање на разни тајни организации и друштва во османлиска Македонија и соседните балкански држави. Мнозинството од оваа генерација произлезе од егзархискиот образовен систем во Македонија, вклучувајќи ги на тој начин во Булгар милетот, или, пак, биле дел од многубројната македонска емиграција во Кнежеството Бугарија. Најмасовното и најсистематски организирано движење кое произлегувало од идејата за автономија на Македонија врз основа на чл. 23 од Берлинскиот конгрес (1878), била Македонската револуционерна организација (МРО, подоцна преименувана во ТМОРО и ВМОРО), основана на 23 октомври 1893 година во градот Солун од шест македонски интелектуалци.

Високата порта, користејќи го неединството и нерешителноста на Големите сили за целосно спроведување на реформите наметнати однадвор, во најголем случај успешно го избегнувала нивното реализирање. Според македонскиот револуционер Христо Силјанов, Империјата секогаш извлекувала драгоцени поуки од практикувањето на европската политика кон неа, така што „искуството ја научило дека длабоките противречности меѓу силите остануваат во сила и тогаш кога тие дејствуваат во Цариград со видлива солидарност и дека недостатокот на целосна хармонија на Европскиот концерт е адут со кого може вешто да се игра“. Големите сили секогаш биле водени од своите интереси, на тој начин игнорирајќи ги желбите и барањата на помалите балкански народи. Во тогашната консталација на силите, не можејќи да се договорат за териториите на Османлиската Империја и за своите сфери на влијание на Балканскиот Полуостров, европските држави диктирале состојба на статус-кво.

Во периодот на ослободителното движење на македонското словенско население и во процесот на неговото национално формирање, неминовна фаза била создавањето организирано револуционерно движење. Во тој контекст, академик Манол Пандевски констатира дека појавата на македонското револуционерно движење само ја одбележува повисоката етапа од развојот на ослободителните борби на дел од македонското население против османлиската власт. Оттука, созревањето на општествено-економските и на политичките услови го трасирале патот кон формирањето на Македонската револуционерна организација. Основачите на Организацијата биле свесни за идејата што ги обединува и за целите за кои се собрале. Сепак, во почетокот тие не можеле да ги предвидат мноштвото аспекти на нивните дејствија, особено дали организацијата што планирале да ја формираат ќе ги „преживее детските болести“ и ќе успее да се наметне како водечка сила и примарен политички фактор во ослободувањето на македонското население.

Во секој случај, појавата на МРО на историската сцена го означува почетокот на новата, „поразвиена фаза на развојот на националното конституирање на македонскиот народ“. Во нејзиниот првиобитен развоен стадиум, „Македонската револуцонерна организација и нејзниот прием кај христијанското население на Турција во Европа не открива присуство или отсуство на национален идентитет, туку процес на интеракција и свесно прередување (прераспределување) [кон] различните лојалности“. Создавањето политичка лојалност кон македонското револуционерно движење ги нарушило дотогашните воспоставени ориентации на македонското православно население кон пропагандните институции на балканските држави, кои потекнувале од лојалноста кон одреден милет во Империјата или, пак, лојалноста кон одредени балкански државно-национални центри. Уште од формирањето, МРО во целост се фокусирало на политичкото ослободување. Организацијата го потценило прашањето за етничкиот идентитет на македонските Словени, кое се чинело потенцијално експлозивно и разорно во време кога единството било од суштинска важност. На надворешните набљудувачи често им се чинело дека движењето се приклонува, па дури и дека потпаѓа под контрола на Бугарија, што се должело на фактот дека најголем број од водачите биле образувани по егзархиските училишта или во Бугарија. Дополнително, во раните фази од неговиот развој тоа делувало и се фокусирало исклучиво кон македонското егзархиско население. Но, подоцна, со Уставот на Организацијата од 1896 година, со кој се предвидувало дека член може да биде секој Македонец и Одринец, се упатува на надцрковна, или понатаму, на надлокална дефиниција на заедниците, со што во МРО можеле да влезат сите „незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност“. Бугарскиот историчар Чавдар Маринов смета дека локалните активисти на МРО развивале еден посебен вид „македонски наднационален идентитет“, под општото именување „Македонци“ тие се обидувале да ги обединат сите „национални елементи“ на Македонија во името на неговото политичко ослободување. Но, имајќи предвид дека во тој период веќе има изедначување на милетската (црковна) припадност со нацијата, тогаш јасно е кога станува збор исклучиво за македонското словенско население дека не станува збор за некакво си национално разграничување, туку, едноставно, за негова црковна поделеност. За некаква си наднационална проекција на нов македонски идентитет во тие услови, дејствувањето на МРО можело да придонесе само преку спојување на различни локални христијански јазични и етнички заедници во еден заеднички идентитет, изграден врз основа на ослободителната борба.

Оттука, варијантата на македонски протонационализам поврзан со дејноста на Организацијата најчесто се дефинира како политички национализам, чија главна цел не е насочена кон определување на македонската посебност преку јазикот или етносот, туку преку идејата за постоење на замислена македонска татковина и државност. Во тој контекст, МРО започна да ги менува тогашните текови во османлиското општество, на тој начин навлекувајќи го на себе непријателството на државните иредентистички политики на официјалните Атина, Софија и Белград. Ваквиот развој на настаните предизвикал силни реакции и прегрупирање кај соседните државни, црковно-училишни пропаганди, кои дотогаш се сметале за единствени репрезенти на целото македонско православно население.

проф. д-р Димитар Љоровски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ