Владимир Кецмановиќ е во притвор од 3 мај, кога неговиот син уби девет ученици и работник на обезбедувањето. Мајката на момчето е на слобода. „Сакам да им се заблагодарам на сите органи кои беа вклучени во истрагата, како и на својот тим кој деноноќно работеше на овој случај за да имаме обвинение напишано на 267 страници“, кажа Стефановиќ.
„Сакам јавноста да знае дека спроведовме опсежна истрага во околности во кои дете од 13 години го изврши најтешкото злосторство во историјата на оваа земја. Истрагата ја водеа двајца јавни обвинители. Во оваа прилика сакам да ја пофалам нивната посветеност“, додаде тој.
„Тој (таткото) е обвинет за тешко дело против општата безбедност. Постои оправдан сомнеж дека во периодот од една година пред трагедијата го обучувал синот да ракува со воздушно и огнено оружје и соодветна муниција, да гаѓа мети во облик на концентрични кругови и силуети на луѓе, да ја полни рамката и како да стои и дише при користењето оружје“, истакна Стефановиќ.
Истакна дека Владимир Кецмановиќ го чувал оружјето со шест рамки и муниција во два пластични куфери за пренесување оружје наместо во метален сеф со клуч.
„Оружјето и рамка биле со катанец и шифра, а друго било без катанец и во него имало муниција. Му овозможил на детето да дојде до два пиштоли за кои претходно го обучувал да пука во стрелачки клуб. Синот на обвинетиот дошол во посед на оружјето на 1 мај 2023 кога наполнил шест рамки со вкупно 92 куршуми. Во торба ги префрлил на 3 мај и ги понел во училиштето“, истакна обвинителот.
Мајката на момчето е обвинета за кривично дело недозволено производство, промет, чување и носење оружје и експлозивни направи. Обвинителството тврди дека мајката неовластено чувала муниција бидејќи за време на истрагата на еден од куршумите е најдена нејзина ДНК.