недела, 14 јули 2024

По тепачката во Идризово во затворот пронајдени ножеви, шипки, кабли, шрафцигери, шприцеви, игли…

Министерот за правда Игор Филков ја посети Казнено-поправната установа Идризово, по вчерашниот инцидент, кој се случи во затвореното одделение Амбуланта, каде беа повредени припадници на затворската полиција и затвореници.

Објавено на

часот

Сподели

Филков, како што информира Министерството за правда, во разговорот со директорот на затворот Зоран Јовановски, беше информиран за настанот, како и за проблемите со кои се соочува установата, пренатрупаноста, немањето соодветни просторни услови за сместување, недостигот на медицински персонал и лица задолжени за ресоцијализација.

„По извршениот претрес во одделението Амбуланта биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, 3 кабли, 12 шрафови, 15 ножеви, 4 шрафцигери, пластичен шприц со 2 игли, ножици, парчиња од скршено стакло и 3 полначи за мобилен телефон. При физичката пресметка предизвикана е поголема материјална штета“, пишува во соопштението.

Од министерството велат дека во наредниот период потребно е да се донесат конкретни мерки за подобрување на состојбите и условите во затворите. Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има.

Вчера во 13:10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10:30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу повеќе осудени лица. Притоа со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники Мајка Тереза за укажување на лекарска помош.

МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ