Повикувајќи се на извештај на министерството за економија, Шпигл наведува дека Берлин во јануари 2023 проверил каде се наоѓа малокалибарското оружје испратено на Тајван, а во јуни извршил слична инспекција на Зеленортските Острови. Германските власти тврдат дека двете инспекции на лице место поминале во најдобар ред.
Меѓутоа, што се однесува до Украина, „немало никаква контрола“, наведува весникот, цитирајќи го министерството.
Германските функционери наводно изјавиле дека Киев ги уверил дека оружјето ќе остане во земјата, додавајќи дека „какви било мерки на верификација под никакви околности не смеат да ја загрозат ефикасноста на одбраната на Украина од тековната руска агресија“. Се проценува дека Украина добила 17 милијарди евра воена помош од Германија меѓу јануари 2022 и октомври 2023.
Во меѓувреме, германската влада одобрила речиси 12 милијарди евра за извоз на оружје во 2023 година, поставувајќи нов рекорд.
На крајот на декември украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко призна дека Киев не знае точно колку оружје се наоѓа во рацете на Украинците. Тој напомена дека проценките се разликуваат од милион до два милиони и дека се засновани главно на податоците кои ги дале меѓународните партнери на Киев и статистиките собрани во други земји погодени од конфликти.
Нешто пред Берлин се огласи и Пентагон кој призна дека воена помош вредна повеќе од милијарда долари која САД ѝ ја испратиле на Украина не била испратена правилно и дека не знаат дали завршила таму каде што планирале или на црниот пазар.