Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во средата рече дека Русија ја има „најдобрата демократија“ и ги нападна оние што ја критикуваат Москва за нејзиното справување со внатрешните политички работи.
Ова тој го кажа во предавање на темата Сликата на Русија: Реалноста и наметнатите стереотипи, кое го одржа пред младите на Рускиот светски младински фестивал, кој се одржува по налог на рускиот претседател Владимир Путин.
Новинарот на Би-би-си Френсис Скар на социјалната мрежа Икс сподели снимка од предавањето.
Vladimir Putin’s spokesman Dmitry Peskov today:
"We won’t tolerate criticism of our democracy any longer! … Our democracy is the best!" pic.twitter.com/odPc5406F4
— Francis Scarr (@francis_scarr) March 6, 2024
„Веќе нема да толерираме критика на нашата демократија. Ни тврдења дека таа не е онаква каква што треба да биде. Нашата демократија е најдобрата. И ние ќе продолжиме да ја градиме“, рече во таа пригода Песков и предизвика аплауз од присутните.
Во истиот говор Песков се осврна и на загриженоста од избивањето нуклеарна војна меѓу Русија и Западот, велејќи дека „нуклеарната војна е последното средство“.
Но, додаде тој, Русија е спремна да употреби нуклеарно оружје „ако нешто го загрози нејзиното постоење“.
„Сите дискусии за нуклеарна војна, какви што сега ги има многу на Западот, во европските престолнини и во САД, се крајно неодговорни и крајно опасни бидејќи ова прашање се рутинизира“, рече тој.