Македонскиот јазик со долга усна и писмена традиција, како што посочува Пендаровски, е семето на македонската држава и порив кој не води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот.
„Затоа, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации“, додава претседателот.
Тој порачува да не ги заборавиме нашите предци и нивната борба за докажување на посебноста на македонскиот јазик.
„Се потсетуваме на сите, кои со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е Крсте Петков Мисирков, кој ни укажуваше дека јазикот е нашето духовно благо. Со пиетет го споменуваме кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, кој не учеше дека јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, напиша Пендаровски.
Во годината кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност, претседателот Пендаровски укажа на неопходноста да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература бидејќи, како што вели, само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор.