„Во врска со информациите кои се појавија во јавноста за наводно приведување сакам да ја информирам јавноста дека сите наводи за такво дејствие се неточни.
Објавената информација од дел од медиумите ја сметам за намерно или ненамерно дезинформирање на јавноста. Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед.
Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации“, вели во дописот Јован Деспотовски.
Во информацијата што се појави во еден медиум, дека Деспотовски е приведен за да даде исказ во Финансиската полиција, се шпекулира со проневера на 2 милиона евра во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Штип, а се наведува и дека ќе биле побарани мерки за претпазливост, како и замрзнување на имот на неговата компанија.
Во разговор за Мкд.мк, Деспотовски лично го потврди демантот, наведувајќи дека немал никаков контакт со Финансиската полиција и дека оттаму било потврдено дека не се водат такви предмети, како што било наведено во информацијата, што тој ја нарекува дезинформација.