„Одлучив да останам премиер“, кажа тој во обраќањето до нацијата.
Со објавата на Санчез заврши петдневниот „период за размислување“ кој премиерот сам си го даде, по отворањето на истрага за корупција и тргување со влијание насочена против неговата сопруга бегонија Гомез. Прелиминарната истрага почна по кривичната пријава која против неа ја поднесе група поврзана со крајната десница.
Иако обвинителите побараа да се отфрли случајот, а правните експерти велат дека е неоснован, прифаќањето на случајот од страна на правосудството го потресе Санчез, кој во средата објави писмо во кое откри дека размислува за оставка поради константните напади од десничарските групи на него и неговото семејство.
„Ако прифатиме дека политиката вклучува напад на невини луѓе, тогаш не вреди. Нема чест која ќе ја оправда маката на луѓето кои најмногу ги сакате“, кажа премиерот на Шпанија.
Заканата со оставка доведе до голема поддршка на Санчез од повисоките ешалони на неговата Социјалистичка партија и илјадниците поддржувачи кои излегоа на улиците овој викенд. Премиерот кажа дека јавното искажување поддршка го убедило да остане на функцијата.
„Кампањата против мене и моето семејство нема да престане. Но можеме да се снајдеме во тоа, важно е што сакаме да ви се заблагодариме на изразите на солидарност“, порача Санчез.
Соопштението на Санчез го заврши викендот на нервоза во Шпанија, која веројатно ќе влезеше во ера на политичка неизвесност без преседан, доколку поднесеше оставка. Лидерот на социјалистите нема јасен наследник, а лидерот на опозициската Народна партија Алберто Нуњез Фејо ја нема поддршката за формирање алтернативна, десничарска влада.