И годинава, нагласи Пандовски, ИПК покажува дека земјава е далеку под минимумот од 50 поени, коишто се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата.
„Овие негативни резултати се последица на големиот број скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание на судството, лошата контрола на Судскиот совет кој ја врши врз судиите и 40-те препораки на Оценската мисија на ЕУ, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите што го тресеа судството. Минатата година имавме и докажан случај на корупција на еден врховен судија, разрешување на кривичен судија од кавадаречкиот суд, кој се слушнал 97 пати со обвинет на кого му судел и уште неколку случаи коишто се само загребување на површината на судството во кое граѓаните очигледно немаат доверба“, изјави Пандовски.
Слична е состојбата и во Обвинителството, кое не е ажурно во гонењето на високата корупција и не ги процесира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Првиот чекор во долгиот пат во борбата против корупцијата е нејзината казнивост и генералната превенција. Сè додека ова не се постигне, не можеме да очекуваме позитивни резултати на Индексот на перцепција на корупција“, рече Пандовски.
Ако се направи споредба меѓу земјите од регионот ќе видиме дека само три држави годинава имаат раст – Словенија, Косово и Албанија, додека Македонија, заедно со Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора имаат пад во поените и рангирањето.
ИПК е композитен индекс од 13 извори. За земјава податоци годинава има од седум извори, од кои шест се со податоци од претходните две години.
Анализата наназад низ годините покажува дека во 2024 година имаме 40 поени и сме на 88 позиција, додека 2022 со исто толку поени сме биле на 85 позиција. Минатата 2023 година имавме скок од девет позиции за разлика од претходно и сме имале 42 поени. Меѓутоа, како што посочи Пандовски, минатата година сме имале шест релевантни извори, а годинава еден повеќе, седум и тоа секако влијае на овој просек.
„Ако се видат релевантните периоди за коишто се извршени овие мерења, ќе се види дека се извршени за повеќе години наназад, и не може да се каже дека овие мерења се резултат само на минатата година. Знаеме дека минатата година имавме избори, промена на Владата… Половина година имавме една влада и потоа повеќе од половина друга влада. Така, овие сите податоци кои што се денеска презентирани, односно падот од два поени се резултат на сите овие работи и мерења“, изјави Пандовски.
Главна тема на овогодинешниот Индекс на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл се корупцијата и климатската криза.
„Транспаренси Интернешнл“ направи напор во својот главен интерес да ја стави климатската криза, бидејќи корупцијата во овој дел нè засега сите. Корупцијата во судството и некои делови коишто се однесуваат за таа држава, ја засега таа држава, меѓутоа глобалното загадување и климатските промени коишто се глобален проблем, генерално ги тангираат сите држави и оние држави коишто највеќе учествуваат во тоа, нивните резултати, односно неуспеси да се справат со корупцијата во делот на енергетиката, климатските кризи имаат ефект врз целиот свет“, појасни Пандовски.
Индексот опфаќа поткуп, злоупотреба на јавни средства, злоупотреба на јавна должност, непотизам во јавна служба, обвиненија против корумпирани службеници, антикорупциска легислатива и правна заштита на укажувачи, новинари и истражувачи.
Не опфаќа, даночни измами, незаконски текови на пари, овозможувачи на корупција, перење пари, корупција во приватен сектор и сива економија.
Годинава вкупно 95 земји имаат недемократски режим, променлива демократија имаат 50, а само 24 држави имаат силна демократија.
Со 40 индексни поени, што е за три под просекот од 43, земјава ја дели 88 позиција со Казахстан, Суринам и Виетнам.
Највисоко рангирана и годинава останува Данска со 90 индексни поени, по што следат Финска со 88 и Сингапур со 84 поени. На последно место е Јужен Судан со 8 индексни поени, додека пред него се Сомалија со 9 и Венецуела со 10 индексни поени.
Ние влегуваме во делот на Источна Европа и Централна Азија, чиј регионален просек останува еден од најниските со 35 индексни поени.
Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2024 година покажува дека корупцијата е опасен проблем во секој дел од светот, но промените на подобро се случуваат во многу земји.
Додека 32 земји значително го намалиле нивото на корупција од 2012 година, има уште многу работа што треба да се заврши – 148 земји остануваат на истата позиција или бележат влошување во истиот период. Глобалниот просек од 43, исто така, стои во место со години, додека над две третини од земјите имаат резултат под 50. Милијарди луѓе живеат во земји каде што корупцијата уништува животи и ги поткопува човековите права.
ИПК рангира 180 земји и територии ширум светот според нивното воочено ниво на корупција во јавниот сектор. Резултатите се дадени на скала од 0 (многу корумпирани) до 100 (многу чисти).