Самостојноста и независноста на Уставниот суд и уставните судии имаат најсилна уставна гаранција, а Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии, велат од Уставниот суд.
„Институтот интерпелација предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд. Основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот. Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд. Уставниот суд укажува, до сите државни органи, дека се должни да се придржуваат на, со Устав утврдените надлежности, бидејќи никој нема повеќе права од оние коишто Уставот му ги доделува. Секој е должен да ја унапредува уставната, правната и политичата култура како основи на едно демкратско општество. Секој е должен да го почитува Уставот“, објаснуваат од Уставниот суд.
Откако власта поднесе,а подоцна беше и изгласана недоверба на пет членови на Судскиот совет, Од ДУИ најавија дека ќе бараат интерпелација за уставните судии затоа што „задираат во албанскиот јазик“.
„Ќе почнеме од Уставниот суд и сега набргу ќе поднесеме интерпелација за судиите коишто се избрани во овој дом. Значи, тие го допираат тоа што е недопирливо, таму каде што никој не смее да допира – договорот што е гарантиран од меѓународната заедница“, изјави Илир Хасани од ДУИ.
Уставниот суд донесе одлука на 20 март годинава да одржи подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците, а одлуката се очекува најдоцна до мај 2025 година.
Како што информираше Дарко Костадиновски, претседателот на судот на почетоков на годинава седницата ќе биде отворена за јавноста, за која претходно на работен состанок во Уставниот суд се утврдени спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон, како и листата на учесници, која брои околу 25 експерти, претставници од науката и струката, од областа на уставното право, меѓународното право, човековите права и претставник од Венецијанската комисија.
Членови и симпатизери на Европскиот фронт, на 8 декември 2024 година се собраа пред Уставниот суд и започнаа да држат таканаречена стража на јазикот.
Три дена подоцна Уставниот суд ја одложи расправата по Законот за употреба на јазиците.