Во интервју на Сител, Пандов рече дека затворскиот полицаец во саботата не ја проверил кутијата со бисквити во која бил телефонот за Васил Јованов и се сомнева, рече, дека тој не знаел што има внатре односно „тоа не го направил онака, од наивност“. Затворскиот полицаец е суспендиран во саботата, а наредниот ден и негов колега, исто така, бил суспендиран за телефон даден на притвореничка.
„Од една притворска ќелија, даден е телефонот преку кутија со бисквити во друга притворска ќелија и тоа го направил затворски полицаец… Убиецот на Фросина бара телефон, стапува во контакт со ова лице, тој го насочува парите да бидат исплатени на неговиот брат, 250 евра се дадени. Тројца сведочеа и истото го повторуваа, дека близок, од најтесниот круг на семејството на Јованов, ги има дадено тие пари на братот на другото притворено лице“, рече Пандов.
Тој тврди дека во најголем дел мобилните во затворите ги внесуваат затворските полицајци и дека во корумпирано општество како нашето, затворскиот систем е најкорумпиран. Освен новите раководители на затворите, во овие казнени установи, рече, работи истиот персонал што го наследиле.
Соопшти дека во моментов во обвинителство се води постапка против триесет и двајца, а против сто затворски полицајци и други вработени во затворите се поднесени дисциплински постапки. За да се справат со корупцијата во затворите, формирани се интервентни единици, една во затворот Идризово и една во затворот во Штип.
Според Пандов, сега се прават пет пати повеќе претреси од претходно и за разлика од порано кога, како што рече, при претресите се наоѓале само два-три расипани телефони, сега наоѓаат и 70 во еден ден, колку што денеска откриле 15 луѓе од интервентната единица од затворот Идризово претресувајќи 40 ќелии во затворот Скопје во Шутка каде што има 270 притвореници.
„Тврдам дека во најголем дел се внесени од тие затворски полицајци коишто и ден-денес уште работат таму…Тврдам дека во затворскиот систем е најголемата корупција“, рече Пандов.
Соопшти дека Затворската полиција има висока плата и бенефициран стаж, почетната е над 40.000 денари, а тие со повисоки чинови, рече, земаат и над 1.000 евра плата.
Во интервјуто Пандов кажа дека во минатото имало вработени затворски чувари кои порано биле затвореници. Во изминатите седум месеци најмалку 20 затворски полицајци се избркани од работа и „тој процес нема да прекине“. Најави и нови вработувања на луѓе кои ја сакаат работата и се чесни.
„Не се сите такви, запознав и многу чесни луѓе, патриоти, кои си ја сакаат работата, и за жал, знам и голем дел на луѓе на кои не им е местото таму и да носат униформа со ознаки на Република Македонија.
„Има млади и чесни дечки за кои таа плата е доволен мотив да работат“, додаде Пандов.