Насилството почнало кога жителите на Саргода, град во провинцијата Пенџаб, виделе запалени страници од Куранот пред куќата на двајца христијани и обвиниле еден од нив дека стои зад чинот.
Портпаролот на полицијата, Асад Ијаз Малхи, изјави дека полицијата ги спасила двајцата мажи и ги однела во болница, дека најмалку 33 лица се уапсени по повеќе полициски рации и дека во тек е потрага по други вклучени во немирите.
Полицијата на Пенџаб соопшти дека ја засилила безбедноста околу црквите во земјата додека владата на Пенџаб го осуди нападот.
Еден од најголемите напади врз христијаните во Пакистан беше во август 2023 година, кога гневни толпи палеа цркви и нападнаа десетици луѓе во Џаранвала, област во провинцијата Пенџаб. Муслиманите тогаш тврдеа дека виделе христијанин и негов пријател како го кинат Куранот и ги фрлаат страниците на земја.
Обвиненијата за богохулење се вообичаени во Пакистан, каде што навредата на исламот или на исламските верски личности се казнува со смрт. Иако никој не е погубен за богохулење, честопати самото обвинение може да предизвика немири и да ги поттикне толпите на насилство, линч и убиства.