НАСА го крена ризикот дека астероидот 2024 ИР4 во 2032 година ќе удри во Земјата на 3,1 отсто, или приближно 1 во 32 шанси, што е досега најголемата веројатност за судир.
Астрономите во декември открија дека астероидот се движи кон Земјата и оттогаш тој е во фокусот на светските телескопи и вселенски агенции. Откако собраа повеќе податоци за прецизната орбита на астероидот, астрономите можеа со поголема прецизност да ја пресметаат веројатноста тој да удри во Земјата. Се смета дека астероидот е широк помеѓу 40 и 90 метри и дека има потенцијал да ослободи енергија еднаква на 7,7 мегатони ТНТ доколку удри во Земјата – доволно за да уништи цел град.
Европската вселенска агенција (ЕСА) ја зголеми веројатноста на 2,8%.
Во почетокот на овој месец, на 7 февруари, НАСА ја зголеми веројатноста астероидот 2024 ИР4 за седум години да удри во Земјата од 1,2% на 2,3%. Веројатноста за удар потоа порасна на 2,6%, а сега е 3,1%, според најновите податоци на веб-страницата на Центарот за проучување на објекти блиски до Земјата на НАСА, Сентри.
Астероидот 2024 ИР4 има проценет дијаметар од околу 54 метри, што е приближно еднакво на ширината на Кривата кула во Пиза. Иако е премногу мал за да ја уништи човечката цивилизација, астероидот може да уништи еден голем град, ослободувајќи околу 8 мегатони енергија при ударот – над 500 пати повеќе енергија од атомската бомба што ја уништи Хирошима.
Добрата вест е дека сè уште има 96,9% шанси астероидот да ја промаши Земјата, а како што истражувачите дознаваат повеќе за неговата траекторија, веројатноста за удар најверојатно ќе се намали на 0%, врз основа на моменталниот ризик според податоците на НАСА. Исто така, постои мала шанса (0,3 проценти) ИР4 да удри во Месечината наместо во Земјата, вели Њу саентист https://www.newscientist.com/article/2467730-theres-a-tiny-chance-the-asteroid-headed-for-earth-could-hit-the-moon/.
Научниците користат мерење наречено Торино-скала за да го категоризираат ризикот од објектите блиску до Земјата како астероидите и кометите. Со оценка 3 од 10 на Торино-скалата, ИР4 е способен за локализирано уништување и го надминува прагот на веројатност за удар од 1% (што значи дека проценетиот ризик од можно влијание е поголем од 1%).
Категориите на Торино-скалата значат следново:
0 значи дека нема ризик од удар,
1-2 укажува на многу низок ризик,
3-4 укажува на умерен ризик и потреба за следење,
5-7 укажува на сериозен ризик со потенцијално значајни последици,
8-10 укажува на сигурен удар со катастрофални последици.
Дополнителните набљудувања ќе им дадат на научниците попрецизна проценка на орбитата на астероидот, што обично значи дека ќе бидат посигурни дека нема да удри во Земјата. Многу други објекти на листата на НАСА за ризик од астероиди завршиле со 0% веројатност за удар откако податоците биле дополнително обработени.
Тим научници неодамна добија итна дозвола да го користат Џејмс Веб, најмоќниот вселенски телескоп во светот, за да го проучуваат ИР4 во наредните месеци и да го проценат ризикот, како и неговата вистинска големина.
ИР4 е моментално единствениот познат голем астероид со поголема од 1% веројатност да удри во Земјата, според Блогот за планетарна одбрана на НАСА. Во случај ИР4 да удри во Земјата, најверојатно ќе удри некаде по должината на „ризичниот коридор“, кој се протега низ источниот Тихи Океан, северна Јужна Америка, Атлантикот, Африка, Арапско Море и Јужна Азија, според НАСА.