четврток, 30 јануари 2025

Пак недоразбирање меѓу Македонија и Бугарија за Гоце Делчев, Божиновска и Митревска го откажаа гостувањето во Софија

Ништо од најавеното заедничко чествување на роденденот на Гоце Делчев во Софија. Под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, а во организација на Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“ од Бугарија, на 4 февруари во Софија требаше да се одржи заедничко чествување на 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Планиран беше заеднички свечен концерт со класична музика и поезија. Учесниците од Македонија го откажаа учеството.

Објавено на

часот

Сподели

Пред повеќе од една недела уметниците Валентина Божиновска и Илина Митревска добија покана за учество на овој свечен концерт. Божиновска требаше да рецитира поезија, а Митревска, сопран, требаше да биде дел од концертот на Софискиот симфониски оркестар.

Во изјавата за МКД.мк Божиновска вели дека од организаторот добиле информација дека на концертот ќе учествуваат и официјални македонски претставници и дека со задоволство ја прифатиле поканата.

Требаше да се одржи културен настан меѓу двете држави, на кој требаше да бидат присутни и официјални претставници од Македонија. Нешто слично како што беше и гостувањето на МОБ во Софија. Откако дознавме дека никој од официјалните претставници на Македонија нема да дојде, решивме да го откажеме нашето присуство. Ние остануваме со нашиот народ и за тоа ги известивме и организаторите“, вели Божиновска во изјавата за МКД.мк.

Од фондацијата веќе и официјално го најавија настанот со информација дека на концертот ќе учествуваат Илина Митревска – сопран од Македонија, Нели Динева – сопран од Бугарија, Валентина Божиновска – поезија од Македонија, Елисавета Шапкарева – поезија од Бугарија, Љупка Биаџони-Гутенберг – диригентка од Германија и Софискиот симфониски оркестар. На концертот биле поканети членови на националните собранија на Бугарија и Македонија, како и на бугарската и на македонската влада, и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова.

Од македонската влада велат дека до нив не пристигнало официјално барање за заедничко чествување и дека такво нешто не е предвидено. Агендата на премиерот Христијан Мицкоски веќе одамна била утврдена и тој на 4 февруари ќе ја предводи владината делегација што ќе оддаде почит на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје.

Претседателката Сиљановска, по повод роденденот, на 4 февруари ќе биде во Штип на заеднички активности на универзитетот „Гоце Делчев“.

Прашавме неколку македонски пратеници и сите ни одговорија дека таква покана до денеска не добиле.

Според програмата, Божиновска во Софија на свечениот концерт требаше да ја рецитира песната „Последното обраќање на Гоце Делчев кон Македонија“ од Венко Андоновски и „Свети Јован Бигорски“ од Тодор Чаловски.

Претседателот на фондацијата, Христо Христов, кој е внук на Гоце Делчев, пред два дена за ТВ Канал 5 изјави дека преку културата треба да продолжи и политичката комуникација, особено кога се работи за голем револуционер.

„Сега ја отвораме можноста да се сретнат пратеници од двете држави, независно од кои политички партии, и да можат да си разговараат на една многу позитивна основа. И солистите и поезијата се од двете држави, има по 50-100 и од Македонија и од Бугарија, така што се надеваме дека ќе биде нешто многу позитивно“, изјави тогаш Христов.

Заедничките чествувања на Гоце Делчев започнаа во 2017 година, и во Македонија и во Бугарија, откако тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишаа договорот за добрососедство и пријателство, но поради тензичните односи по бугарското вето, тие брзо прекинаа.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ