четврток, 30 јануари 2025
Дејан Донев

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Отворено писмо до познатото другарче

До креаторите (чии имиња најверојатно заради нивното сомнително искуство, ескпертиза и сертифицираност, власта ги крие), до изготвувачот и предлагачот на предлог-концепцијата за реформи во гимназиското образование, но и до пошироката јавност која повторно понизно молчи.

И повторно истите сценарија и состојби… Таман една голгота (разно-разни „реформаторски“ обиди) поминала, Владата се сменила…. И секогаш одново против заблудата дека со секое ново министерче светот отпочнува да постои! И што со тоа? Наместо тие да го прифатат постоечкото и го унапредуваат, ние треба да го докажуваме нашето битствување со секоја нивна нова гарнитура. Е па нема напредок, реформи, осовременување!

Досега бевме некако научени заради какафонијата во општественото живеење, да велиме: Простете им, не знаат што прават! Но дали, и денес!? Да им простиме ли, иако се чини дека знаат што прават! Животното искуство не дава веќе за право, ако знаете, да молчите. Сократовски, греши оној кој не знае! А ние знаеме! Барем дека сме лулка на западноевропската цивилизација и култура, со сите нејзини предности и недостатоци. Но, во какистократско општество во какво што, ми се чини, нешто по осамостојувањето, почнавме да го градиме под превезот на демократскиот развој и параметри наметнати најчесто однадвор, полесно се пазаревме за сопствениот ќар.

И кој и што најмногу пречи во оваа хилијазмичко однесување? Па главите кои стрчат и образованието кое им го овозможува истото. Како што вели еден универзитетски професор од Јужна Африка кој ја напишал поучната порака и ја залепил на влезот на универзитетот: „Ако сакате да уништите еден народ, доволно е да го намалите квалитетот на образованието“. Затоа една од есенцијалните борби на човештвото е борбата против мракот, незнаењето. Паѓале системи, се правеле големи резови, но целта била праведна, заедничка, добронамерна… Од доменот на она што го работам како редовен професор по етика на најстариот универзитет во државава, сѐ повеќе ми се чини дека папсувам од ова наше вртење во круг. Но без оглед колку и да покажам апатичност, катадневно се среќавам со идни специјалисти во различни домени, а кои Е од Етика немаа прочитано, разбрано, покажано во пракса! А сите говорат колку истата е потребна, насушна, ја има, за жал, месијанската улога на избавител. Се оди дотаму и сѐ почесто секој еден што прочитал една статија со етичка проблематика да се самопрогласи и уште повеќе ги убеди другите дека е експерт во оваа дисциплина.

Неконзистентноста и некохерентноста во постојаната борба етиката да се воведе во образовниот систем уште повеќе ја имаме деновиве преку предлог-концепцијата за реформи во гимназиското образование: МОН јавно се повикува на нејзите задачи и цели, а плагира пасуси од препораките на УНЕСКО за потребата од застапеност на философското образование на сите рамништа, при што визирот и фокусот го изместува заради нивни тесногради интереси, а нам уништувачки последици! И со тоа, покрај префрлањето на философијата од задолжителен предмет во групата на изборни предмети за почетно изучување, етиката и логиката тотално се избришани од секоја листа, додека „големиот достоинственик“ на МОН какафонично и онанирачки со денови да пласира информација до јавноста дека тоа е лага! Не знам, можеби јас погрешна азбука читам (сепак, проверете во предлог-концепцијата за реформи во гимназиското образование објавена на сајтот на БРО).

Оваа револуција во гимназиското образование, како што се најавува од МОН и БРО и која сѐ уште деновиве ни се најавува на мала врата и преку линија на помал отпор и неорганизираност за отпор, на истата се гледа доста помпезно како на просветителска мисија со јасно деклариран конструктивен дијалог. Но за тоа, барем колку што сум јас едуциран, треба да има најмалку две страни со отворени комуникациски канали. Во реалноста каква што е, дијалогот се остварува преку мејл адресата на БРО, а нема критериум ниту пак какво било објаснување кој и како ќе прави селекција и ќе оценува кој предлог/сугестија „глупост“ е добар или не за подобра концепција за реформи во гимназиското образование (резултатот од истото на крај ќе биде видлив преку компарирање на понудената и усвоената концепција, а во која ќе нема суштествени измени како резултат на „конструктивниот дијалог и сугесии од засегнатите страни“).

Се изјавува дека МОН, пред сѐ, направил конструктивен дијалог на Меѓународниот ден на образованието, а всушност прикажа политички ПР и демонстрација на моќ за следните обиди за идните концепции, а како што тргнало, ќе ги има доста! За какво продолжување на традицијата тогаш МОН зборува, кога јавно нема кажано ниту едно име од најстарата 105 годишна високообразовна институтција – ФЗФ како составувач на концепцијата! Значи, народски кажано: Кадија те тужи, истиот те суди!

И, всушност, со тоа не се работи за борба против мракот, туку меритоцидно однесување на властодржните образовни псевдозилотистички креатори на нашата и иднината на оние кои доаѓаат. Да правите реформа за подобро утро во гимназиското образование, а притоа да не знаете што во суштина значи концептот на „гимназиум“ и зошто е тој така поставен. Да ги урнисувате општествено, а најмногу хуманистичките науки кои се базата на истото, не е непознавање на материјата, туку намерно спроведување на маалскиот облог – кој може и до каде може да биде поглуп. Впрочем сите работиме по диктатот на Западот, не!?

Парадоксот на нелогично, а уште повеќе неаргументирано тврдњење кој МОН го користи е следниот: со досегашниот модел на образование државата ги принудува на некој начин младите да се иселуваат. Замислете го тоа и уште повеќе во општество во кое царува девизата: најбогато и најдобро проаѓа оној кој ги знае причинско-последичните односи во корупцијата и давањето мито, т.е. ги има „дебелите врски“. Да не заборавиме дека живееме во  општество во кое сѐ уште преговараме за најниска плата додека инфлацијата отиде до кров поради саможивиот егоистичен нагон на трговската купи-продај гарнитура. И сега, ние преку „лошо“ поставено средно образование сме ги истерале младите, а не нивните родители кои едвај ја крпат кошничката за преживување!

Оттука, има ли пилот во авионот или стјуардесата нѐ води!? Прашањето е повеќе реторичко имајќи ги предвид сите изјави и несфатливи однесувања на МОН и БРО (последново како да е сѐ уште во период на повеќедецениска хибернација). Никој не вели НЕ на прогресот, напредокот, повикот и прифаќањето на реформите кон подобро! Напротив, треба да се има осовременување на содржината на наставните програми, методите на наставата и наставните материјали; унапредувањето на методите на оценување и следење на квалитетот на наставата; подобрувањето на квалитетот и компетенциите на наставниот кадар и на инфраструктурата, особено на технолошката инфраструктура, и создавање на поттикнувачка училишна клима и култура во гимназиите…

Но, отворете и прочитајте ги само коментарите по социјалните медиуми во однос на реакцијата на групата професори (за која патем и нецелосно и надвор од контекст се нарекува „група“ иако е најагилниот репрезент на средношколскиот форум на наставници по философскиот корпус предмети) кои бараат враќање на философскиот корпус предмети како дисциплини чија фундаментална цел е развивањето на холистичкиот пристап кон светот, критичкото мислење и етичките вредности во личното и колективното дејствување. Со други зборови се охрабрија јавно да проговорат дека овој корпус предмети е всушност јадрото на гимназиското образование, кое треба да овозможи целосен развој на личноста на ученикот, во интелектуална, морална, социјална, емоционална и физичка смисла.

Исто така, компилацијата на предмети (и задолжителни и изборни: за продлабочено изучување и изборни предмети за почетно изучување), во однос на поставената цел на истата, секој разумен човек може и знае да препознае дека е неостварлива и создава поголем хаос во кој потпросечните уште подобро ќе се измолкнат во воспитно-образовниот процес и ќе станат какистократи! Уште повеќе, на пример, ако тврдите дека познавањето странски јазици е најголемото богатство за еден млад човек, тогаш во старт тоа богатство ќе го изгубите давајќи му уште и крилја за побрзо да одлета во други земји, наместо да ја промените/реформирате „општествената инфраструктува“, и во образованието и во животот генерално, т.е. да ги „наградувате“ нивните родители, па и младиот свет достоинствено, а не со потпросечна плата, за нивниот труд!

Но чекор понатаму, она што фрла сомнеж е што истиот повик за предлог-концепција за реформи во гимназиското образование звучи парадоксално (декларативно поставени цели кои се недостижни и уште од старт се косат кога ќе се види предметната распределба на крај, неиздиференцирани и непознати анкети со сомнителни и надвор од контекст избрани изјави кои треба да се прифатат слепо како индикатори за потребата од оваа концепција). Погледнете ги поставените цели на предлог-концепција за реформи во гимназиското образование:

  • Развивање на критичко размислување, истражувачки способности и вештини за решавање проблеми;
  • Обезбедување писменост и комуникациски вештини;
  • Поттикнување на самодоверба, свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки;
  • Градење на национален, етнички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство. Концепција за гимназиско образование;
  • Подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот;
  • Свест за климатските промени, одржливиот развој и зелените компетенции.

И потоа анализирајте, барем бегло (бидејќи е видливо и од авион со голо око), низ што истите би се реализирале согласно следниве задолжителни предмети: Математика, Македонски/Албански/Турски/Српски јазик и литература, Англиски јазик, Втор странски јазик (германски јазик, француски јазик, руски јазик или италијански јазик) и Спорт се изучуваат во сите четири години. Другите предмети што се задолжителни се концентрирани главно во првите две години. Такви се предметите: Историја, Географија, Биологија, Хемија, Физика и Информатика. Ликовна и Музичка уметност се задолжителни предмети од 1. до 3. година, а предметите Граѓанско образование и Псхологија се изучуваат задолжително во една година; односно изборните предмети кои се концентрирани во 3. и 4. година и се присутни како: (1) изборни предмети за продлабочено изучување, во кои спаѓаат предметите: Напредна математика, Биологија, Физика, Хемија, Историја и Географија. и (2) изборни предмети на почетно изучување, какви што се: Латински јазик и класична култура, Филозофија, Право, Економија и бизнис, Програмирање, Социологија и Образование за животната средина. И така ќе се направи/прави деградирање на статусот на философијата како една од темелните дисциплини од хуманистичките науки, а со тоа и директно (ќе) се противречи на прокламираните цели на самата предлог- концепција.

А предлог-концепцијата за реформи во гимназиското образование е правена од експерти од БРО (дали се тие или други, МОН не обелоденува и нивните експертски персоналитети ги крие поради немање на искуства од оваа област на истите) со голем број на небулози и нелогични начини на досегање на целите на предлог-концепцијата!? Па тогаш зошто реформата да не ја започнат од сопствени редови, од БРО во кое со години има околу половина испразнети советнички места и инспекторски места (та не ќе морате сами, како највисоки инстанци да спроведува непосредни инспекциски проверки)? Или, да направат тестирање, а потоа и нови вработувања (бидејќи пола од кадарот во МОН или е преоптоварен со голем број обврски – мултитаскинг или се доволно неписмени да не знаат дека прво се прави ранг листа, на пример, а потоа се известуваат кандидатите за истата, а не обратно). Ако тоа не е можно (да тргнат од себе си) бидејќи ќе го оптоварат буџетот, тогаш согласно нивното искуство како Министерство за ОБРАЗОВАНИЕ и НАУКА, би требало да се огледаат на доброприфатени практики од други земји? Хрватска и Словенија не се многу далеку за организирана експертска посета! Или да „протегнат нозе“ и до Финска!

И додека Западот ја „морализира“ власта со потчукнување по рамо и нереални ветување, а потоа слатко на сите нам во еден кош ни се смее на погубувањето и експресното по диктат погребување на гимназиското образование како еден од последните бастиони на разумот (и тоа со нашето вино добиено по наливна цена, а флаширано во нивна помодна амбалажа), и оваа власт може да прави не само спортски активности по кабинети, туку уште повеќе „сенародна“ (читај: сепартиска!) веселба, да прогласи месец, година на постигнување успех во пофалбата на глупоста! Затоа ова отворено писмо.

Застанете за миг и дозволете да ви помогнеме, пред да го изгубиме и тоа малку достоинство и чест која ни остана. Има сѐ уште паметни луѓе, но без партиски штоф! Дозволете принципиелните идеи за реформи во средното образование, насочени кон обезбедување квалитетно гимназиско образование и „создавање поединци кои ќе бидат и етички и интелектуално подготвени да одговорат на предизвиците во светот, истовремено придонесувајќи за неговиот прогрес“ да ги реализираме како што треба, па и заедно!

Оттука, и едновремено, критиката не е само кон „фарисеите на образованието“, туку и самокритика (за оние кои се инволвирани во образованието), кон родителите, кон младиот свет,  кои најчесто имаа сила за комшиски кавги и напади врз интегритетот и заложбите на реализаторите на образовно-воспитните процеси, но не и потрага по модалитет за издржан квалитет на младиот интелект кој треба да се развива. Во спротивно, да живее Фејсбук и другите „специјализирани мрежи“ за ширење на (дез)информациите и (а)вредностите!

проф. д-р Дејан Донев,

редовен професор по Етика на Институтот за философија при Филозофскиот факултет во Скопје, УКИМ

КОЛУМНИ

Тодор Петров

Бугарија договорила историја со Македонија уште во 1947 година

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе ја брани вистината во свет без факт-чекери?

Бранко Азески

Сoпствен кадар и верба во себе

Ристо Цицонков

Ало Америка, природата не знае да глуми

Александар Донски

Пророштвата на Нострадамус посветени на Македонија и на Македонците

Светлана Јовановска

Реакционерната интернационала тропа на европските порти

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ