недела, 16 февруари 2025
Соња Стојадиновиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кој ќе ја брани вистината во свет без факт-чекери?

Мета се откажува од факт-чекерите, без кои социјалните мрежи можат да се претворат во арена каде што лагите и дезинформациите се шират побрзо од вистината.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп уште неинаугуриран, почна да ги „строи“ социјалните мрежи. За да го спаси својот мастодонт Мета, Марк Цукерберг отиде во посета на Трамп на неговиот имот во Флорида и веднаш излезе со изјава дека ќе ги откаже услугите на факт-чекерите во својата компанија Мета, со што тие нема да ја регулираат содржината на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Тредс (Facebook, Instagram, Threads) кои ги користат над три милијарди луѓе во светот.

Силните реакции против оваа одлука беа очекувани бидејќи факт-чекерите беа неопходни во неограничениот простор на дезинформации и говор на омраза. Системот на проверка на објавите поставени на социјалните мрежи во сопственост на компанијата Мета нема да се исклучи во целост, но ќе биде во облик како на социјалната мрежа X, која е во сопственост на Илон Маск.

Таму постои опција која стои под секоја објава наречена community notes („забелешки на заедницата“) во која ќе стои дека дадената објава (видео, текстуална, слика), можеби е лажна или содржи полувистинита информација.

Функцијата на проверка на фактите или факт-чекинг се рашири по 2016 година, откако се појави инвазијата на лажните вести на социјалните мрежи и на онлајн медиумите. Мета, тогашен Фејсбук, почна да работи со меѓународна мрежа на професионалци кои ги проверуваа објавите на оваа социјална мрежа и тие одлучуваа, како надворешни соработници, која објава е лажна, а која треба да остане. Оваа Meѓународна мрежа на проверка на факти (International Fact-Checking Network) подоцна броеше 90 организации кои работеа на 60 јазици.

Иако овој метод на контрола врз лажните вести и дезинформации даваше одредени ефекти, неговите недостатоци се видоа во времето на пандемијата со КОВИД-19.

Факт-чекерите беа обвинувани дека бришат објави кои не се согласуваат со мејнстрим наративот, со позициите и одлуките на владите. Мислењата кои беа објавувани на социјалните мрежи, а беа против државните и меѓународните мерки против пандемијата, заедно со кампањите за вакцините, биле бришани и етикетирани како лажни и ширење на дезинформации, дури и оние кои биле поткрепувани со медицински докази и факти.

Ист пример е случајот со синот на бившиот американски претседател Џо Бајден, Хантер Бајден, кога Фејсбук ги цензурираше објавите на различни медиуми, почнувајќи со Њујорк Пост (New York Post) дека  како заменик претседател, Џо Бајден му помагал на својот син во бизнис зделки во Украина. Сепак, доказите беа на страна на факт-чекерите, тие укажувале кои објави како треба да бидат третирани, но на крај, самиот Фејсбук (Мета) одлучувал за тоа.

Политичката и бизнис заднината на одлуката на Мета

Одлуката на Цукерберг за отфрлање на факт-чекерите има длабока политичка и бизнис позадина. Да се потсетиме дека по нападот на Капитол на 6 јануари 2021, Фејсбук го блокираше пристапот на Доналд Трамп до оваа социјална мрежа, со изјава дека тоа носи голем ризик за јавноста и за самата компанија. Неодамна, за да се „испере“ од оваа одлука, Цукерберг донирал 1 милион долари на фондот за инаугурација на Доналд Трамп во 2025 година, откако Трамп му се закани дека може да оди во затвор ако дозволи Фејсбук да се меша во претседателските избори во 2024 година.

Дополнително на ова, Цукерберг го назначил Џоел Каплан, долгогодишен конзервативец и борец против „факт-чекерството“ за одговорен за глобални прашања во Мета. Од друга страна, Трамп заборавил дека токму Фејсбук, со својот слаб алгоритам за контрола над објавите, создаде простор за манипулации, лаги и лажни вести пред претседателските избори во 2016 кога тој победи.

Кога милијардерот Илон Маск го купи тогашниот Твитер, сега X, гласно зборуваше дека е поборник за слобода на говорот. Но, од друга страна, еден факт се изгуби низ вестите, а тоа е дека во 2023 година, тој побара да се оневозможи слободниот пристап до АПИ механизмот (API, Application Programming Interface), со што ќе оневозможи надворешно следење на ефикасноста на алатката Community Notes. Со оваа одлука, Маск создал простор за манипулација на податоците за ефикасност на алатката Community Notes, недавајќи им простор на надворешни, независни фактори да ја проверат вистинската ефикасност.

Нова опасност која демне зад аголот

Неконтролираниот простор на социјалните медиуми го демне нова опасност, освен производството на содржини со насилство, расизам, говор на омраза и лажни вести. Силата на вештачката интелигенција (ВИ) ја гледаме во последната година која од ChatGPT преку останатите платформи за создавање на видеа, фотографии, текстови, стаса до манипулација на јавноста со креирање на видеа со политичари и јавни личности кои наводно кажуваат или прават нешто, а тоа не се случило.

Ако алгоритмот пропушти да ги контролира лажните вести на Фејсбук до 2016 година, сега тешкo ќе му биде да ги контролира објавите креирани од вештачката интелигенција која се’ повеќе со своите производи се приближува до реалноста и до човековото однесување. Тука доаѓаме до една ситуација каде факт-чекерите почнуваат да користат вештачка интелигенција за откривање на производи, исто така на вештачка интелигенција, како лажни видеа, фотографии и аудио снимки.

Така, факт-чекери од Норвешка, Грузија и Гана користат ВИ за борба против лажните вести креирани од ВИ. Во Норвешка ја користеле алатката GeoSpy за споредба на фотографии со одредени локации и да пронајдат дали таа фотографија е вистинита или лажна и креирана од ВИ. Исто така, користеле и алатка за препознавање на јазик во аудио фајл. Во Грузија и Гана веќе работат на алатки кои користат ВИ за проверка на факти, но проблемот со кој се соочуваат е недостатокот на податоци и тренинг на ВИ на различни јазици. Веќе неколку пати во Гана се соочиле со ситуација каде ВИ давала различни податоци за една иста информација.

Живееме во време кога е тешко да се одвојат вистината од лагата, кога слободата на говор е заменета со цензура, но и со повици на насилство и убиства. Време во кое државата ја цензурира слободата на говорот, но и самата наука, ако таа не им оди во прилог на државните интереси и лицата на власт.

Студиите покажуваат дека лажните објави се шират за 20% побрзо отколку вистинитите објави, посебно ако содржат насилство, теории на заговор, расизам и експлицитни видеа. Без факт-чекерите, социјалните мрежи ќе станат неограничен производствен систем на лажни вести и полувистини.

Соња Стојадиновиќ

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ричард К. Шервин

Доналд Трамп и неговото невладеење на правото

Рајко Пеколски

Кaко умре вистината

Дамбиса Мојо

Три причини поради кои „залетот“ на вештачката интелигенција би можел да...

Љубомир Николовски

Шоутајм Лука  –  холивудска драма зад затворени врати

Александар Донски

Струмичанец бил патријарх на Ерусалим во 12 век

Кристина Пота Радуловиќ

Да се види очигледното или зошто е важно да го прифатиме...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ