недела, 23 февруари 2025

Отворени гласачки места во Германија: Според анкетите ниту една партија нема да може сама да формира влада

Во Германија денеска се отворени гласачките места за избор на 630 пратеници во новиот Бундестаг, најновите анкети покажуваат дека ниту една партија нема да има доволно членови за сама да формира влада.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Анкетите покажуваат дека опозициските демохристијани и екстремната десница, исто така опозициска Алтернатива за Германија (АфД) имаат најголема поддршка од гласачите, додека Социјалдемократската партија на актуелниот канцелар Олаф Шолц е на трето место.

За нов германски лидер се борат четворица кандидати: актуелниот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц, Фридрих Мерц, кандидат на главната конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ), актуелниот заменик канцелар Роберт Хабек од еколошката партија Зелени и Алис Вајдел од екстремната десница, антиимиграционата АфД.

Германскиот изборен систем ретко дава апсолутно мнозинство на која било партија, а анкетите покажуваат дека ниту една партија не е ни блиску до тоа, најверојатно ќе бидат потребни две или повеќе партии за да формираат постизборна коалиција.

Изборите се одржуваат во време кога Германија, како и остатокот од Европа, се соочува со новата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, руско-украинската војна и бројни безбедносни прашања низ Стариот континент.

Гласачките места се отворени од 8 до 18 часот, а Германците можат да гласаат и по пошта.

Излезните анкети ќе бидат објавени веднаш по затворањето на гласањето, а пребројувањето на гласовите ќе започне веднаш. Резултатите ќе бидат познати многу брзо, додека конечните се очекуваат рано наутро во понеделник.

Право на глас имаат 59,2 милиони гласачи во земјава, но и повеќе од три милиони германски државјани во странство, за кои годинава гласањето ќе биде потешко од вообичаено поради кратките рокови.

На гласачкото ливче има 29 партии, но се очекува меѓу пет и осум од нив да успеат да го поминат изборниот праг од пет отсто.

Изборите се одржуваат седум месеци порано од предвиденото по распадот на коалицијата од три партии на канцеларот Олаф Шолц на почетокот на ноември минатата година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ