Телата на 95-годишниот Хекман и 63-годишната Аракава се најдени во нивната куќа во Хајд Парк во Санта Фе во средата. Портпаролот на шерифот кажа дека не се сомнева во злосторство, но дека „точната причина за смртта сè уште не е утврдена“. Додаде дека причината за смртта веројатно нема да биде позната додека не се завршат обдукциите.
Истрагата се спроведува во соработка со локалната компанија за снабдување со гас, Њу Мексико гас ко, што предизвика нагаѓања дека труење со јаглерод моноксид би можело да биде причина за смртта. Меѓутоа, налогот за претрес, кој беше објавен, го доведува во прашање можното истекување гас и поставува нови прашања поради најдените таблети на рецепт во близина на телото на Аракава.
Според налогот за претрес, Хекман и Аракава биле мртви веќе некое време пред нивните тела да бидат откриени, бидејќи телата биле во „состојба на распаѓање и мумификација на рацете и стапалата“. Исто така, на работната површина во куќата е најдено шишенце со апчиња, а таблети биле расфрлани наоколу.
Аракава била најдена на подот на бањата, додека телото на Хекман било најдено во друга соба, целосно облечено, а шерифите претпоставиле дека можел да доживее ненадеен пад.
Според налогот за претрес, смртта е „доволно сомнителна“ за да се бара темелна истрага. Три германски овчари биле најдени во куќата кога влегле шеригите, а еден бил најден мртов во кафез.
„Сè што можам да кажам е дека се води прелиминарна истрага за смртта“, кажал шерифот Ејдан Мендоза. Не се најдени траги од повреди на телата, ниту белешки за самоубиство, известува Њујорк тајмс.
Џин Хекман и Бетси Аракава живееле во Ново Мексико од 2004 година, кога Хекман се пензионираше од Холивуд. Се венчале во 1991 година.
Ќерката на Џин хекман Елизабет Џин Хекман кажа дека семејството се сомнева дека труење со јаглерод моноксид е можна причина за смртта. „Не сме сигурни, но мислам дека отровен гас би можела да биде причина за смртта“, кажа таа.