– ВМРО-ДПМНЕ се повеќе прераснува во шовинистичко здружение кое не ги почитува ни своите поддржувачи кога на светите празници изнесува лаги и и невистини, а уште помалку останатите граѓани кои постојано ги навредува и омаловажува ширејќи етничка омраза и нетрпеливост, напиша Османи на неговата официјална фејсбук страница.
На фејсбук статусот е прикачен и линк од прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи.
„Зачудува однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која иако себе си се декларира како партија заштитник на конзервативните вредности, за време на одбележувањето на Велигденските празници, поточно – Велика Сабота, или Ден на длабоко молчење и покој, преку употреба на груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството“, напиша Османи.
Претходно, со став излезе и Министерството за надворешни работи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од Османи, а со осуда излезе и „Левица“.
„Бараме кривична одговорност за Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и конечно во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата како што е овој случај. Воедно, Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалце што може да го направи после ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија. Срамен, недржавнички и понижувачки е односнот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија“, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.