Под наше раководство, вели Османи, со јасна визија и многу посветеност, успеавме да ја зачуваме ОБСЕ во исклучително сложени услови и војна во регионот на организација.
„Ова не беше само триумф за Северна Македонија, ова беше победа на разумот и важен момент за стабилноста на целиот регион“, вели Османи во обраќањето.
Успехот за Македонија од претседавањето со ОБСЕ, според Османи, е заслуга на сите граѓани на државата кои демонстрираа единство и докажаа дека иако сме мала земја може да се носиме и со најсериозните предизвици.
„Позицијата на Северна Македонија во светот се зајакна, а нашата посветеност на меѓународната соработка нè донесе поблиску до сојузниците кои ја споделуваат нашата визија за подобар свет“, вели Османи.
Во следната година останува предизвикот на усвојување на уставните измени и одлучно продолжување на патот кон Европската Унија, уште еден храбар чекор кој треба да ја обликува нашата иднина, вели Османи.
Министерот за надворешни работи упати и порака до опозицијата која, како што оценува, го блокира последниот процес на овој пат – уставните измени.
„Денес Северна Македонија е поблиску до Европската Унија од кога било и ова е резултат на нашата визија, посветеност и желба за просперитетна иднина. Возот кон ЕУ нема да запре и силно верувам дека следната година ќе ги надминеме блокадите кои ги создава опозицијата. Верувам затоа што знам дека мнозинството граѓани сакаат да завртат лист и станат дел од силното и поврзано европското семејство“, вели Османи.
Посакувајќи им на граѓаните Нова година исполнета со мир, благосостојба и мигови поминати со најблиските, Османи повика на заедништво во следното поглавје за државата преку почитување на вредностите – правда, единство и просперитет.