Како причина за неговото отповикување, Османи наведе дека имало констатирано нерегуларности во функционирањето, лажно претставување на сопругата (универзитетската професорка Мирјана Најчевска) како културен аташе во Прага и дека не биле испочитувани инструкциите на МНР.
„Еден амбасадор е отповикан од функцијата на средината на мандатот поради констатирани нерегуларности во функционирањето и амбасадорот е вратен“, рече Османи кој посочи дека ова било процедура што траела повеќе месеци.
Османи упати жалење во однос на реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за листата на амбасадори за кои се чекаат агремани, оценувајќи го тоа како тежок дипломатски скандал.
„Ја разбирам потребата за заострување на политичката реторика на една година пред избори. Меѓутоа, морам да дадам порака дека има некои прашања кои се свети и не можат да бидат дел од дневнополитичката борба. Дипломатијата, меѓуетничките односи, одредени структури во општеството не смеат да бидат карти за поткусурување на политичките партии пред избори. Се обидувам никогаш дипломатијата да не ја ставам во функција, меѓутоа нема да дозволам партиски пишувачи на говори да ги дискредитираат луѓето врз основа на лажни информации кои произлегуваат од различни канали и да испратат лоша порака до земјите што треба да дадат агреман по однос на тие дипломати“, рече Османи.
Тој нагласи дека во оваа фаза од процесот, се додека не се добие агреман од земјите, не може да коментира за номинираните амбасадори. Со нивното испраќање, додаде Османи, ќе бидат исполнети речиси 100-процентно нашите ДКП.
„Поголем број на дипломатско-конзуларни претставништва ќе бидат пополнети во наредниот период. Притоа ќе бидеме доведени во ситуација можеби за првпат едно или ниту едно ДКП да има вршител на должност, туку да бидат 100 отсто пополнети со амбасадори“, вели шефот на дипломатијата Османи.