сабота, 19 октомври 2024

Орбан го спореди предлог-законот за европските медиуми со Информбирото и нацистите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е критикуван дека влијае врз медиумите, го нападна предложениот европски закон за слобода на медиумите и го спореди со Информбирото и нацистичката комора за медиуми.

Објавено на

часот

Сподели

„Уште еден предлог од Брисел што е против слободата: воспоставување целосна контрола врз медиумите. Ние во Централна Европа сме виделе такви работи во минатото. Се викаше Коминформ и Рајхпрескамер (Прес комора на Третиот Рајх). Никогаш повеќе!“, напиша Орбан на социјалната мрежа Икс (Твитер).

Новиот европски закон за медиуми има цел да го зајакне медиумскиот плурализам во ЕУ и независноста на медиумите од политичкиот притисок, за што е обвинуван токму Виктор Орбан.

Неговата партија Фидес презеде де факто контрола врз 80 отсто од медиумите во Унгарија, се вели во најновиот извештај на Репортери без граници.

Потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, на чија изјава реагираше Орбан, во средата рече дека има големи очекувања од новиот европски закон за слобода на медиумите, кој ќе биде „главен предупредувачки сигнал“ за земјите-членки, вклучително и „арогантните“ Франција и Унгарија, „каде што нема јавни медиуми, туку државни медиуми“.

„Целата тенденција во Унгарија, која води кон монополизација на информациите, е нешто што не сакаме да се случува на друго место. Со текот на времето можевме да се обидеме чекор по чекор да ги растуриме ваквите системи“, рече Јурова во интервју за Политико, откако Европскиот парламент донесе став за тој закон.

Јурова рече дека во Унгарија сè и секој зависи од една партија и дека во таа земја нема јавни, туку државни медиуми, како и дека „има голема разлика меѓу економската поддршка за медиумите на транспарентен начин и корумпираните медиуми на скриен начин“.

Новата група правила може да ги променат работите, со нови обврски во однос на транспарентноста и независноста и зголемена контрола врз штетните медиумски конгломерати и закони што влијаат на медиумскиот пејзаж на ЕУ, пишува бриселскиот портал.

Јурова посочи дека законот може да има висока цена доколку Будимпешта не ги почитува прописите, навестувајќи ги процедурите во случај на прекршување на законот.

„На крај може да има високи казни“, рече европската функционерка.

Слободата на медиумите, меѓутоа, не е ограничена само на автократиите на истокот, пишува Политико, додавајќи дека Јурова го посочила и случајот со Франција, каде што беше уапсена новинарката Аријана Лаврио, која ја разоткри врската меѓу француските разузнавачки служби и египетските напади врз цивили.

„Францускиот случај покажува дека има многу слаба заштита“ на новинарите, рече Јурова и посочи дека Франција е меѓу земјите што првично тврдеа дека законот за медиуми ги „уништува“ нивните „фантастични системи“.

„Отсекогаш го сметав тоа за многу арогантно“, рече Јурова.

Париз претходно сакаше да воведе исклучоци од законот за да можат земјите да ги прислушуваат новинарите заради национална безбедност.

На 3 октомври, пратениците на Европскиот парламент донесоа став за Законот за слобода на медиумите, во кој се залагаат за построги исклучоци и засилени мерки за заштита на новинарите.

„Европратениците сакаат да ги забранат сите форми на мешање во уредничките одлуки на медиумите и да спречат надворешни притисоци врз новинарите, како што се принудување да ги откријат своите извори, пристап до шифрираната содржина на нивните уреди или користење шпионски софтвер против нив“, се вели во соопштението.

Пратениците сметаат дека шпионскиот софтвер може да се користи само во оправдани случаи, како последно средство, доколку е наредено од независен судски орган со цел да се истражи сериозно кривично дело, како тероризам или трговија со луѓе.

На 18 октомври Европскиот парламент ќе започне политички дискусии за конечната верзија на законот со Советот на ЕУ, кои, според Јурова, ќе бидат предизвик.

Најчувствителното прашање е колкава слобода треба да имаат владите во следењето на новинарите и нивните извори и таа тема веројатно ќе поттикне жестоки дебати, бидејќи Парламентот и членките на ЕУ се на спротивни страни.

Јурова рече дека очекува државите да бараат повеќе исклучоци или можности за пресретнување на комуникациите и барање за откривање на изворите, но дека Парламентот не ја разочарал.

Двете страни ќе треба да направат компромис, рече Јурова и посочи дека треба да има „апсолутна сигурност во кои ситуации тоа ќе биде дозволено“ и дека се залага потоа за тоа да бидат информирани оние чиишто комуникации се прислушувани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ