вторник, 22 октомври 2024

Орбан: Добивме гаранции дека нашите пари нема да бидат испратени во Украина (ВИДЕО)

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска објави дека неговата земја добила гаранции дека средствата на Унгарија од фондовите на Европската унија нема да бидат испратени во Украина, поради што гласаше за испраќање пакет помош за Киев во вредност од 50 милијарди евра.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според него, Унгарија имала две грижи – дека нејзините пари од фондовите на ЕУ ќе бидат испратени во Киев и дека Унијата ќе одлучи да додели пари на Украина за „премногу долг период без проверка“.

„На крајот развивме механизам кој гарантира разумно користење на средствата во Украина и добивме гаранции дека унгарските пари нема да завршат во Украина. По долги преговори, го прифативме овој предлог“, рече Орбан во видео пораката објавена на социјалните мрежи.

Сите 27 лидери постигнаа договор за дополнителен пакет поддршка за Украина од 50 милијарди евра, во рамките на буџетот на ЕУ, објави претходно денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Имаме договор“, изјави Мишел на социјалната мрежа Икс.

Лидерите на ЕУ со тоа успеаја да го надминат противењето на Унгарија за обезбедување финансиска помош за Украина.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно изјави дека Унгарија е подготвена да учествува во одлуката на ЕУ да ѝ пружи помош на Украина, но со гаранции дека секоја година ќе се одлучува дали ќе се издвојуваат пари за нова помош или не.

Орбан стави вето на помошта од 50 милијарди евра за Украина на претходниот самит на Европскиот совет, кој се одржа во средината на декември.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ