среда, 24 јули 2024

Општините од истокот немаат пари за заедничко прскање против комарци

Поголем дел од единаесетте општини во Источниот регион немаат пари да се вклучат во координирана акција за регионален третман против комарците и годинава прскањето ќе го спроведуваат индивидуално. Но, досегашното искуство покажува дека прскањето против комарците во секоја општина одделно и во различен временски период не го решава проблемот.

Објавено на

часот

Сподели

Пред три години од Центарот за развој на Источниот плански регион произлезе инцијатива секоја општина пропорционално, според површините на кои треба да се третира, да покрие дел од трошоците за набавка на препаратите и за услугата, но ограничените средства во општинските буџети ја одложија нејзината реализација.

„Констатиравме дека големи средства треба да се издвојат од буџетите за оваа намена, а како пример ќе наведам дека само Општина Виница требаше да учествува со околу 2,5 милиони денари, што воопшто ги нема планирано. Тоа не е случај само со оваа општина, туку слично е и со другите локални самоуправи. Поради тоа, секоја општина ќе спроведе прскање во посебни термини и согласно буџетот со кој располага“, истакна Миле Петков, претседател на Источниот плански регион.

Само две локални самоуправи одговориле позитивно на барањето од Центарот за развој на регионот да достават податоци со вкупната површина на која треба да се реализира третманот против комарците. Во неколку помали општини пак, прскањето се реализирало со поддршка од државниот буџет, поради што тие не покажале интерес за заедничко дејствување.

„Според стручни анализи и експертски мислења, во летниот период при високи температури, авионското прскање не може да се изведува на висина од десетина или дваесет метри, туку тоа е многу повеќе. Поради тоа препаратот со кој се прска ни не паѓа на површината, туку се разнесува“, истакна Емил Василев, од Центарот за развој на Источниот плански регион.

Досегашното искуство покажало дека прскањето против комарците во секоја општина одделно и во различен временски период не го решава проблемот. Дополнително, третманот е со помали ефекти затоа што приоритет се дава на третирањето од воздух, наместо од земја да се дејствува со ларвициден третман, односно сузбивање на комарците уште пред да се појават.

Во Источниот регион и годинава Општина Кочани издвои најмногу пари, близу два милиона денари за третман против комарците од воздух и од земја, а пред две недели ја спроведе првата фаза од кампањата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ