Во заедничкото соопштение по состанокот на лидерите на прозападната опозициска коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ и десничарската коалиција НАДА порачано е дека, ако нема преговори, власта ќе ја сноси „целосната одговорност за состојбата во општеството и понатамошното влошување на ситуацијата“.
Повикот доаѓа откако повторно беше одложена конститутивната седница на српскиот парламент, и по одлуката повторно да се одржат избори за Белград, најверојатно на 2 јуни.
Владејачката Српска напредна партија (СНС) победи на предвремените избори на 17 декември 2023 и со коалициските партнери ќе го контролира парламентот и ќе формира влада, но опозицијата има бројни забелешки за регуларноста на изборите, пред сè во Белград.
Опозицијата и граѓанското општество бараат да бидат целосно вклучени во процесот на измена на изборните услови.