недела, 23 февруари 2025

Опасни маневри на хеликоптер на кинеската морнарица во близина на филипински авион (ВИДЕО)

Американската амбасадорка во Манила ги осуди „опасните“ маневри на хеликоптер на кинеската морнарица што ја загрози безбедноста на филипински авион кој патролирал во спорниот дел на Јужното Кинеско Море.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Во објава на социјалните мрежи во средата, американската амбасадорка Мери Кеј Карлсон ги осуди дејствијата на кинескиот хеликоптер и го повика Пекинг „да се воздржи од насилни акции и да ги реши своите спорови по мирен пат во согласност со меѓународното право“.

Филипините доцна во вторникот соопштија дека се „длабоко вознемирени од непрофесионалните и непромислени“ дејствија на кинеската морнарица над Скарборо Шол и дека ќе упатат дипломатски протест.

Филипинската крајбрежна стража извести дека кинески хеликоптер летал на три метри од надзорниот авион во кој имало група новинари.

Авионот летал на околу 213 метри над водата во мисија да ги набљудува кинеските бродови околу спорниот дел од морето кога бил пресретнат од хеликоптер на морнарицата.

Новинарите и другите поканети странски медиуми во авионот сведочеле на напнат период од 30 минути додека филипинскиот авион продолжил со патролата на ниска височина, а хеликоптер на кинеската морнарица лебдел блиску до него или летал лево од него на облачно време.

Ризичната ситуација го натера филипинскиот пилот преку радио да го предупреди кинескиот пилот: „Летате премногу блиску, многу сте опасни и ги загрозувате животите на нашиот екипаж и патниците“.

„Останете настрана и оддалечете го вашиот авион подалеку од нас. Ги прекршувате безбедносните стандарди“, вели филипинскиот пилот.

Филипинскиот медиум Инкуајера.нет објави дека за време на летот, пилотот на авионот на филипинското Биро за рибарство и водни ресурси направил најмалку 19 радио повици до кинескиот хеликоптер и бродовите во спорната област.

Медиумите опишуваат опасна игра „криенка на небото“ со хеликоптер кој одеднаш се појавил и маневрирал да се позиционира на само три метри над авионот – Цесна караван со 12 седишта.

Кина ги оспори тврдењата на Филипините, велејќи во вторникот дека нивниот авион „нелегално влегол“ во кинескиот воздушен простор и ја обвини Манила за „ширење лажни наративи“.

Филипинската крајбрежна стража и Бирото за рибарство во соопштението рекоа дека остануваат „посветени на потврдувањето на својот суверенитет, суверени права и поморска јурисдикција во Западното Филипинско Море, и покрај агресивните и ескалирачки дејствија на Кина“.

Именуван по британскиот брод што се насукал таму пред речиси три века, Скарборо Шол е еден од најспорните делови на Јужното Кинеско Море, каде што Пекинг и Манила постојано се судираат.

Кина тврди дека има суверенитет над речиси целото Јужно Кинеско Море, витален воден пат поради кој Пекинг е во судир со Брунеи, Индонезија, Малезија, Филипини и Виетнам, бидејќи сите имаат претензии кон областа.

Арбитражната пресуда од 2016 година го поништи кинеското барање за проширување, но Пекинг не ја признава одлуката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ