понеделник, 21 октомври 2024

ООН: Времето истекува, на Палестинците им се заканува геноцид

Палестинскиот народ „се наоѓа во голем ризик од геноцид“, велат специјалните известувачи на ОН. „Времето за акција е сега“.

Објавено на

часот

Сподели

Експертите на Обединетите нации повикаа на хуманитарен прекин на огнот во Газа, велејќи дека времето истекува за палестинскиот народ, кој е во „голем ризик од геноцид“.

Во речиси четиринеделното израелско бомбардирање на Појасот Газа како одмазда за нападите од Хамас во јужен Израел на 7 октомври загинаа повеќе од 9.000 луѓе, од кои повеќето се жени и деца, соопштија здравствените власти.

„Остануваме убедени дека палестинскиот народ е изложен на голем ризик од геноцид“, се вели во соопштението на групата експерти, составена од седум специјални известувачи на ОН. „Бараме хуманитарен прекин на огнот за да се осигуриме дека помошта ќе стигне до оние на кои им е најпотребна“.

Експертите, исто така, изразија „сѐ поголем ужас“ поради израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија во северна Газа од вторникот вечерта – напади во кои, наводно, загинале и се повредени стотици Палестинци – и ова го нарекоа безобразно прекршување на меѓународното право.

Тие рекоа дека се загрижени за безбедноста на ОН и хуманитарните работници, болниците и училиштата во кои се засолнуваат жителите на Газа, како и за безбедноста на новинарите, медиумските работници и членовите на нивните семејства.

Израелската мисија во ОН во Женева соопшти дека подготвува одговор на забелешките на експертите.

Меѓународниот кривичен суд го дефинира кривичното дело геноцид како конкретна намера целосно или делумно да се уништи една национална, етничка, расна или религиозна група со убивање на нејзините членови или со други средства, вклучително и со воведување мерки наменети за спречување на раѓања или насилно пренесување деца од една група во друга.

На 28 октомври, високиот претставник на ОН за човекови права во заминување, Крег Мохибер, му пиша на високиот комесар за човекови права Фолкер Турк, велејќи: „Гледаме како пред нашите очи се одвива геноцид, а Организацијата на која ѝ служиме се чини немоќна да го спречи тоа“.

Канцеларијата за права на ОН соопшти дека планираното пензионирање на Мокибер стапило во сила оваа недела и дека неговите ставови се „лични“ и не ги одразуваат ставовите на канцеларијата.

Снабдувањето со помош за Газа е спречено откако Израел почна да ја бомбардира густо населената енклава, при што хуманитарните организации велат дека ни приближно не ги исполнуваат потребите на луѓето таму.

„Ситуацијата во Газа достигна катастрофална пресвртница“, рекоа експертите на ОН, додавајќи дека жителите на Газа имаат недостиг од вода, лекови, гориво и основни резерви додека се соочуваат со опасности по здравјето.

Тие, исто така, укажаа на сојузниците на Израел, за кои рекоа дека „носат одговорност и мора да дејствуваат сега за да го спречат неговиот катастрофален курс на дејствување“.

„Ги повикуваме Израел и неговите сојузници да се согласат на итен прекин на огнот“, велат експертите на ОН. „Ни истекува времето“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ