„Нема никаква драма, нема никаков проблем, Бугарија ги има исполнето асолутно сите барања кои и судот во Стразбур никаде не кажува, или има пресуда, дека Бугарија треба да признае малцинства. Нема таква работа. Има да ги исполни критериумите за регистрација на невладини организации, а кога некоја организација ги исполни овие критериуми, тие ќе бидат регистрирани, како што се регистрирани две организации од луѓе, кои се претставуваат како етнички Македонци. При последниот попис во Бугарија, да не згрешам, беа илјада или колку кои се запишале како етнички Македонци“,вели Ковачев во интервју за бугарски медиум.
Од ОМО Илинден-Пирин велат дека овие дезинформирачки ставови на Ковачев, се всушност „клучните точки“ на стратегијата на бугарската политика да ги „измами“ Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и Комитетот на министри при Советот на Европа, во врска со спроведување на пресудите на ЕСЧП за регистрирање на македонските здруженија во Бугарија.
„Како што изнесе Андреј Ковачев на ТВ21, во Бугарија всушност имало регистрирани ‘две’ македонски организации: едната од нив е Антички Македонци, а на другата не ѝ се сеќавал во моментот името. Тоа е речиси буквално истото што Бугарија го изнесе во своите две последни писма до Комитетот на министрите, каде втората организација исто се цитира, но не и со име. Тоа се истите, така наречените во Бугарија ‘клучни точки’, кои сега се дистрибуираат по различни канали за дезинформации. Како редовен ‘излагач’ за македонското прашање се јавува Андреј Ковачев.
За што се работи?
Да започнеме со ‘заборавената’ организација – Друштво за заштита на основни човекови права. Каков е нејзиниот статус денес? Забранета, а последниот обид за регистрација – одбиен.
Таа беше регистрирана на 31 август, а Антички Македонци – на 30 септември 2019 г. Од 1999 г. до 2019 регистрации немало, а ниту има потоа. Зошто ги регистрираа токму тогаш и двете?
Затоа што на Бугарија ѝ требаше аргумент пред Комитетот на министрите во Стразбур, дека таа наводно веќе ги извршува пресудите во Стразбур и веќе има регистрирани организации, па на база на тоа да побара засилениот мониторинг за македонските случаи да биде прекинат.
Освен тоа на повидок беше добивање одлука од Советот на министрите на ЕС во октомври 2019, за давање датум за почеток на преговори за Македонија (одложена на 18 октомври), Бугарија ја креираше Рамковната позиција спрема Македонија на 6 октомври, а до крајот на ноември се очекуваше новата посета на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција во Бугарија и новиот извештај што се подготвуваше за Бугарија.
Но – Бугарија никогаш немала намера навистина да ги остави да функционираат овие организации! Кога стана јасно дека аргументот нема да им биде прифатен во Комитетот на министрите на 11 ноември 2019 г., започна процедура за забрана и на двете организации.
Ова не е нова практика на бугарската држава. Во 1999 г., во месецот кога поднесоа барање за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, тие ја регистрираа ОМО „Илинден“-ПИРИН, а две недели откако го добија датумот, во февруари 2000-та, ја забранија.
Што се случи со Антички Македонци? Сите членови беа испрашувани во полиција… Процедурата и до денес не е завршена – забраната виси над нивните глави веќе шест години.
Зошто не е уште забранета? За да може да се користи како аргумент, дека има регистрирани македонски организации во Бугарија.
Зашто токму таа е оставена? Затоа што, иако во неа членуваат достојни Македонци, оваа организација не си поставува цели кои се во заштита на правата на македонското малцинство во Бугарија, туку истражување на врските со антиката. Другата – која бараше такви работи е одамна забранета. Другите што бараат такви цели, правата на македонското малцинство – не можат да се регистрираат.
Така Бугарија истовремено постигнува да нема де факто регистрирани организации кои се борат за правата на Македонците во Бугарија, а сепак да тврди дека всушност има таква организација, но да ја држи истата во мат-позиција и на чекор од забрана.
Втората „клучна точка“, презентирана од Ковачев – „дека останатите организации не се регистрираат затоа што имаат грешки“, нема потреба да се коментира. Доволно е да се каже дека таквата аргументација не се прифаќа ниту од Судот во Стразбур, кој веќе има 14 пресуди против Бугарија, ниту од Комитетот на министрите.
Комитетот во своите одлуки од последните години многу точно забележува на постојаните промени на критериумите, непочитувањето на законското право на поправање ‘грешки’, промената на дефинициите на различни поими, противречни барања спрема различни организации и т.н.
Критериумите за одбивање на барањата за регистрации варираат – константни се само одбивањата.
И да не забораваме, ‘најчестата грешка’ во нашите документи е – тврдењето дека во Бугарија има македонско малцинство, нешто што според бугарските судови е не само невистина, туку е и антиуставно, антидржавно и насочено против единството на бугарската нација.
Заради сето тоа ние не сме ни најмалку задоволени од предлозите да бидат регистрирани неколку наши организации, во замена на влегување на Бугарите во Уставот на Македонија – зашто излегување од Уставот нема, а забраната на нашите организации може да се случи многу брзо и неизбежно ќе се случи.
Потребна е промена во бугарската политика на негирање на македонското малцинство!
Бугарија може да ги стави генерално малцинствата во Уставот, а секако може да ги регистрира македонските организации. Може да прими барем една организација да го претставува македонското малцинство (па ако сака и не како национална малцинство, туку како ‘етничка група’) во Советот за етничките прашања и да внесе графа ‘Македонец’ во пописот, да превземе мерки против редовниот говор на омраза против Македонците, овде. Може и треба, да ги укине одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 г. дека во Бугарија немало оформена македонска народност и декларациите на парламентот од 6 март 1990 г., како и онаа последната од нивната рамковна позиција против Македонија“, се наведува во соопштението на ОМО Илинден-Пирин.