„Македонците, во Македонија и во светот, оваа недела го прославуваат членството на Македонија во Советот за човекови права во Обединетите Нации. УНХЦР е главната организација на ОН одговорна за промовирање и заштита на човековите права ширум светот и Македонија станува позната како регионален лидер по ова прашање. Обединета македонска дијаспора, водечки глас на околу четири милиони Македонци во странство, со голема возбуда го поздравува изборот“ – се вели во обраќањето до јавноста од ОМД
Претседавачот на Бордот на ОМД, Арџи Н. Белио, истакнува дека Македонија, како ниту една друга земја во регионот, ги штити правата на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, идентитетска припадност.
„Овој избор во Советот за човекови права во ОН, докажува дека човековите права се централна вредност на македонскиот народ и на Владата на Македонија. Ниту една друга земја во регионот не ги штити сите граѓани, без разлика на нивната вера, нивната етничка припадност, нивниот идентитет или било што, колку што тоа го прави Македонија“, вели Арџи Н.Белио.
Македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски по гласањето во ОН ја објави веста на платформаа X.
„Задоволство ми е да споделам одлична вест од Њујорк: Македонија е избрана за членка на @UN_HRC за мандатот 2025-2027 година. Силната поддршка од земјите-членки на @ОН е доказ за непоколебливата посветеност на нашата нација за заштита и унапредување на човековите права и основните слободи. Со ова значајно дипломатско достигнување, нашиот фокус сега ќе се префрли на давање значаен придонес во работата на Советот, во согласност со приоритетите и принципите што ги наведовме за време на нашата кандидатура. Остануваме посветени на унапредување на глобалната агенда за човекови права“, наведе Муцунски.
Од ОМД ја нагласуваат и заслугата на претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова за приемот на државава во членство во Советот за човекови права при ОН, односно на нејзиното обраќање на Генералнното собрание на ОН, на 26 септември 2024 година. Во ОМД сметаат дека во нејзиниот говор бил ставен „јасен и често предизвикувачки акцент на човечкото достоинство, правда и еднаквост, повикувајќи на глобални реформи за да се постигне свет во кој човековите права се почитувани без двојни стандарди“.
„Додека апликацијата на Македонија до Советот беше претходно поднесена, по помалку од еден месец од нејзиниот говор, ОН ја избра Македонија да биде член во УНХРЦ“, се вели во поздравното соопштение на ОМД.