среда, 23 октомври 2024

Односите меѓу навивачите да не се ставаат во врска со односите меѓу државите, апелира министерот Османи

Објавено на

часот

Сподели

На прашање од бугарските новинари да ги коментира изјавите од некои бугарски политичари дека со овие инциденти Македонија се оддалечува од Европа, Османи беше дециден дека „тоа е жално и некоректно“. Повтори дека сите што ќе се обидат да извлечат политички анализи од тензии помеѓу навивачи, тоа го прават злонамерно и не мислат добро на односите меѓу двете држави.

„Ставот на МНР на Република Бугарија беше коректен и тоа јас го ценам како однос на бугарската држава. Политичките партии коишто се обидуваат да добијат политички поени на основа на тензии меѓу навивачите, не и мислат добро ниту на Бугарија, ниту на Северна Македонија, ниту на односите помеѓу двете држави, уште помалку на основа на тензии меѓу навивачи да ја процениме европската подготвеност на Северна Македонија“, рече Османи.

Потсети дека МНР веќе ги осуди и побара од надлежните органи да ги преземат сите мерки за да се идентификуваат сторителите и да се изведат пред лицето на правдата. 

Тој информира дека и пред натпреварот е комуницирано на ниво на Влада и дека натпреварот е  квалификувале како натпревар од висок ризик, а полицијата и МНР ги презеле сите мерки за да не дојде до насилство меѓу навивачите.

„Порано во Северна Македонија често имаше вакви инциденти од различни етнички групи и заедници, секогаш ми бил ставот дека не може преку навивачите да се донесат заклучоци во однос на одностие што ги имаат различните етнички групи, а во овој случај навивачите. Тоа е посебен свет во кој навивачите имаат посебен однос и никогаш не треба ваквите случувања помеѓу клубовите, помеѓу навивачите од било кои групи да се ставаат во контекст на политичките односи внатре или помеѓу државите“, рече министерот за надворешни работи.

Османи информираше дека повредениот е во добра здравствена состојба и е во комуникација со амбасадата на Бугарија и со македонските здравствени власти кои се однесуваат најпрофесионално за да излезат во пресрет на потребата за згрижување.

Прашан за тоа што вчера имаше песна на бугарска телевизија со тешка содржина во смисла на говор на омраза и навреди кон Македонија, министерот Османи информира дека веднаш штом кога го добил видеото преку воспоставниот канал за комуникација за пријавување говор на омраза, пријавиле во МНР во Бугарија. 

„Секогаш ќе има злонамерници и од двете страни, најважно е ние како институции да не дозволиме нарушување на односите и да не дозволиме тие да ни ја диктираат агендата“, изјави шефот на македонската дипломатија.

Додаде дека има многу стереотипи, многу недоверба, но затоа, подвлече, ќе мора да има барем некој што размислува поинаку и ги анализира, пријавува, презема мерки и се обидува да наметне конструктивна агенда во односите за да се врати довербата помеѓу двете држави.

Претходно бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за националната бугарска БТВ изјави дека нападот на бугарски навивач во Скопје е дел од серијата анти-бугарски настани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ