Од Железничката инфраструктура на Србија соопштија дека раководството од Србија ги информирало гостите од Македонија за искуствата поврзани со изградбата на брзата пруга Белград-Нови Сад, со брзина од 200 километри на час, како и за резултатите и ефектите постигнати со спроведувањето на овој проект.
Оттаму додаваат дека се зборувало и за продолжување на изградбата на брзата пруга од Нови Сад до Суботица и понатаму до Будимпешта.
Шурлан и Трифуновски разговараа за прекуграничната соработка на управителите на железничката инфраструктура во Македонија и Србија, како и за можностите за нејзин развој.
Ова беше и можност за размена на искуства за многу теми од бизнисот на двете компании од железничката инфраструктура.
Во рамките на работната посета на Србија, делегацијата на Инфраструктурата на железниците на Македонија патуваше на брзата пруга со возот „Соко“ со брзина од 200 километри на час и се увери во квалитетот, точноста и пријатноста на патувањето со железница на новата пруга меѓу овие два града.
Покрај тоа, Трифуновски и неговите колеги ги посетија и работите за изградба на новата железничка станица Белград Центар во Прокоп, како и Телекомандата од каде се следи и управува железничкиот сообраќај на брзата пруга Белград-Нови Сад.
Гостите од Македонија ги посетија и работите на реконструкција на железничката станица во Нови Сад, која се реновира како дел од проектот за изградба на брза пруга Нови Сад-Суботица.
Состанокот се одржа во рамки на посетата на висока делегација на инфраструктурната железничка компанија на Македонија на Железничката инфраструктура на Србија.
Покрај големото железничко значење, оваа посета секако е значаен придонес во развојот на меѓусебната соработка во регионот, се заклучува во соопштението.