петок, 22 ноември 2024

Одговор од кабинетот на Сиљановска-Давкова: Ќе побараме објаснување од бугарската страна

Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, се вели во одговорот на кабинетот на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на прашањето на МКД.мк за неистакнувањето на македонското знаме за време на средбата со бугарскиот претседател Румен Радев.

Објавено на

часот

Сподели

Одговорот од кабинетот на Силјановска-Давкова го пренесуваме во целост:
„Воодушевена од настапот на Бугарската опера во Скопје со вагнеровата ‘Валкира’, македонската претседателка Гордана Сиљановска- Давкова, убедена во моќта на културната дипломатија, вети дека ќе присуствува на настапот на Македонската опера во Софија со вердиевиот ‘Набуко’. За таа цел, на 13-ти септември ја посети Република Бугарија, придружувана од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.
По тој повод, беше договорена тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, г-динот Румен Радев, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта ‘Набуко’, во изведба на Македонската опера и балет. За жал, трагичниот настан, односно авионската несреќа ги спречи претседателот и неговата сопруга да ѝ се придружат на претставата. Обајцата се извинија за спреченоста.
Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор.
Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна.
На крајот, бугарската оперска публика, позната по префинетиот музички вкус со френетични аплаузи и овации го награди фантастичниот настап на македонските уметници, уште еднаш докажувајќи ја неисцрпната и неограничена моќ на уметноста“, се вели во одговорот на прашањето на МКД.мк од кабинетот на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ