среда, 23 октомври 2024

Оценските мисии како оваа на Судскиот совет се редовен и нормален инструмент на ЕК, вели вицепремиерот Маричиќ

Објавено на

часот

Сподели

Маричиќ потенцираше дека оценските мисии се редовен нормален инструмент на Европската Комисија за подобрување преку експертско знаење и учество во подобрување на политиките во некои области или институциите. Вицепремиерот брифираше дека во изминатите седум/осум години досега имало над десет оценски мисии, а оваа е втора, по одржување на  првата меѓувладина конференција.

„Врз основа на ваква оценска мисија ние направивме измени и дополнувања на Законот за академија за судии и јавни обвинители. Како резултат на вакви оценски мисии, очекуваме препораки кои ќе треба да ја подобрат работата на независните и регулаторните тела. Како резултат на ваква оценска мисија сме имале оценски мисии за системот за јавни набавки и соодветен надзор. Сме имале и за судството и за специфични делови на судството“, рече Маричиќ.

Тој потсети дека законите за Судскиот совет кои што беа донесени во 2019 година беа правени заедно со Европската Комисија под водство и со мислење на Венецијанската Комисија.

„Очекувам Судскиот совет да има сериозна длабинска мисија која што ќе ги анализира сите слабости и да добиеме точни препораки и насоки од експертите на ЕУ, што би требало да направиме во однос на законите, во однос на практиките на таа институција, но и на кадровските прашања“, додаде Маричиќ.

А вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со експертот за правни прашања Бранко Хрватин, кој ќе го предводи експертскиот тим делегиран од Европската Унија што ќе спроведе оценска мисија на Судскиот совет.
 
Како што информираат од кабинетот на вицепремиерката, хрватскиот врховен судија е во посета на нашата земја, со цел да направи воведни подготовки во пресрет на оценската мисија на ЕУ, што ќе се реализира во септември и која ќе ја испитува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки.
 
„Вицепремиерката Грковска изрази благодарност за поддршката што нашата држава ја добива од Европската Унија, особено во делот на правосудниот систем, кој е клучна алка во справувањето со корупцијата и организираниот криминал. За жал, нагласи таа, сведоци сме дека Судскиот совет како една од најважните институции кој треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и не може да одговори на задачите кои ги има пред себе“, се вели во соопштението за средбата на Грковска и Хрватин.

Грковска истакна дека, и покрај сите процеси на унапредување на регулативата и јакнење на капацитетите, нема знаци на унапредување на интегритетот кај дел од судиите, кој е предуслов за отпорност на правосудниот систем од сите форми на влијание.
 
Правниот експерт Хрватин нагласи дека оценката мисија во основа ќе биде поддршка за нашата земја во делот на детектирање на слабостите во правосудниот систем, во случајот на позиционираноста на Судскиот совет, што ќе биде добра основа за преземање на натамошни реформски чекори.
 
Вицепремиерката Грковска информираше дека во рамките на досегашните активности на нејзиниот Кабинет детектирани се одредени слабости, при што хрватскиот експерт Хрватин нагласи дека секој предлог кој се однесува на подобрување на состојбите во Судскиот совет, а кој произлегол од досегашното практично искуство ќе биде добредојден за анализата што треба да ја подготви експертскиот тим ангажиран од ЕУ.
 
Двајцата соговорници се согласија дека уставно загарантираната независност на правосудниот систем е тесно поврзана со одговорноста, која во овој случај е голема и директно поврзана со интересите на граѓаните.  Истовремено на состанокот беше заклучено дека транспарентноста е важен елемент во јакнењето на правосудниот систем, но и општеството воопшто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ