четврток, 6 февруари 2025

Обвинителството отвори истрага против поранешниот директор на СОЗР, Мирчевски

По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против поранешниот директор на владината Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчевски и сопственик на рент-а-кар агенција. Мирчевски е осомничен за продолжени кривични дела, примање поткуп и проневера во службата додека сопственикот на фирмата е осомничен за продолжено давање поткуп, информираше денеска Јавното обвинителство (ЈОРМ).

Објавено на

часот

Сподели

Првоосомничениот, Мирчевски во периодот од 9 јуни 2021 година до 13 јуни 2024 година, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики, примил друга корист за себе и за својата сопруга за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши.

„Тој не го пријавил постоењето на судир на интереси, односно потпишувал изјави за непостоење на судир на интерес и не се изземал во постапките за вкупно пет јавни набавки на кои била избрана фирмата сопственост на второпријавениот, иако во текот на целиот тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга. Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило фолксваген пасат сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи“, информираа од Јавното обвинителство.

Според сомнежите, Мирчевски и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заенички работи на Владата, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило фолксваген пасат, како и уште едно возило марка ауди Q8, за што му е поведена скратена постапка за примање поткуп.

Второосомничениот, пак, сопственик и управител на рент-а-кар агенција, во повеќе наврати во период од три години, на Мирчевски му давал друга корист за него и за друг за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши, односно да не се изземе од постапките и да ги потпише договорите за јавни набавки.

„Во периодот од 1 јануари 2022 до 13 јуни 2024 година, во повеќе наврати, со намера да прибави за себе или за друг противправна имотна корист, осомничениот директор присвоил и пари во значителен износ од 1.792.859 денари. Имено, тој потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство, во кои прикажувал невистинити податоци дека се работи за службени патувања и за службени потреби и цели и со тоа овозможил за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист и го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата за наведениот износ, со што е осомничен дека извршил проневера во службата„, велат од ЈОРМ.

Исто така, за Мирчевски, поведена е скратена постапка и за кривично дело, несовесно работење во службата.

„Во периодот од 27 октмоври 2023 заклучно со 14 јуни 2024 година, во својство на директор и одговорен менаџер на Авио службата при Службата за општи и заеднички работи, тој несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа нанел штета на Буџетот во износ од 3.444.615 денари. Иако знаел дека пилотот вработен во Службата за општи и заедничи работи не ги исполнува условите за капетан – водач на воздухоплов, му овозможил на лицето да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата за тоа работно место“.

Обвинителството бара притвор за Мирчевски, поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците во постапката, пред се вработени во Службата за општи и заеднички работи кои допрва треба да бидат испитани.

„За второосомничениот обвинителството предлага мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница или забрана за нејзино издавање, како и забрана да остварува каков било контакт со другиот обвинет во текот на постапката“, информираа од ЈОРМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ