понеделник, 17 март 2025

САД следната недела може да го објават мировниот план на Трамп за Украина

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, потврди дека следната недела ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција и ќе зборува за целта на Трамп да ѝ стави крај на војната во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Келог рече дека со нетрпение очекува да зборува на годишната конференција и да разговара за „целта на Трамп да ѝ стави крај на крвавата и скапа војна во Украина“.

Тој во објава на мрежата Икс во вторникот додаде дека исто така планира „да се сретне со американските сојузници што се подготвени да соработуваат“ со Вашингтон.

Откако Келог откри дека ќе говори на конференцијата, планирана да се одржи од 14 до 16 февруари, се шпекулираше дека ќе го претстави планот на Трамп за ставање крај на војната. Блумберг во средата цитираше неидентификувани извори што рекле дека Келог ќе го претстави планот за време на конференцијата, објави украинскиот сервис на РСЕ.

Изворите не дале дополнителни информации за планот, колку ќе биде детален, ниту во каков формат ќе биде претставен.

Прес-службата на Белата куќа не одговорила на барањето на РСЕ за коментар.

Келог минатата недела рече дека Трамп има „цврста“ стратегија да ѝ стави крај на војната во Украина во рок од неколку месеци. Изјавата дојде во време на заткулисни разговори и преговори за наоѓање начин да заврши речиси тригодишната руска инвазија.

Тој и други официјални лица навестија план за постигнување на она што сојузниците на Трамп го нарекуваат „мир преку сила“. Планот вклучува потенцијално замрзнување на конфликтот и оставање на териториите окупирани од Русија во нерешена ситуација. Ова вклучува обезбедување безбедносни гаранции за Украина, но не е прецизирано какви би биле тие.

Кремљ во средата најави зачестување на контактите со САД во врска со напорите да се најде решение за војната. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва е подготвена да преговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и покрај одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да разговара со него бидејќи неговиот мандат истече минатата година.

Украина не можеше да организира избори бидејќи е во вонредна состојба од почетокот на војната.

Според Келог, САД ја разгледуваат можноста да извршат притисок не само врз Москва, туку и врз Киев да седне на маса. Тој предупреди дека двете страни ќе мора да направат отстапки доколку се надеваат дека ќе преговараат за решение на војната.

Зеленски „веќе навести дека ќе ја ублажи својата позиција на територијата“, рече Келог на 1 февруари, додавајќи дека „Путин исто така ќе мора да ги ублажи своите ставови“.

Трамп инсистираше дека сака брзо да ја заврши војната и рече дека сака што е можно поскоро да се сретне со Путин.

Зеленски, исто така, рече дека неговиот тим е во контакт со администрацијата на Трамп на „општо ниво“, но и дека верува оти наскоро ќе има состаноци лице в лице.

Зеленски во интервју со британскиот новинар Пирс Морган објавено на Јутјуб во вторникот рече дека ќе се согласи на директни разговори со Путин, но дека мора да учествуваат САД и Европската Унија.

„Ако луѓето веруваат дека треба да преминеме на дипломатски колосек, а јас верувам дека сме подготвени да преминеме на дипломатски колосек, таму мора да бидат САД, Европа, Украина и Русија“.

На прашањето како би се чувствувал седејќи спроти Путин на средба лице во лице, Зеленски одговори: „Ако тоа е единствената форма во која можеме да им донесеме мир на граѓаните на Украина и да не губиме луѓе, дефинитивно, ќе одиме со таа форма… Што е важно тоа, моите чувства кон него?“, рече Зеленски.

„Нема да бидам љубезен кон него, го сметам за непријател. А да бидам искрен, верувам дека и тој мене ме смета за непријател.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ