Во судница се изведуваат шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, на кои се наоѓа материјал од безбедносните камери, кој ги опфаќа деновите од 20 ноември до 3 декември 2023 година со 24 часовен надзор, кои судот на почетокот на денешното рочиште ги прифати да бидат дополнително изведени по предлог на обвинителството.
„На една снимка од дворот на Манев во Велес, се гледа како тројца обвинети вршат тестирање дали радиостаниците функционираат. Забележливо е дека Палевски на јакната има закачено микрофон, а исто имаат и Манев и Видевски. Од записите се гледа дека Палевски носи јакна која има три бели ленти на ракавите, а Манев носи тренерка која на ракавите има три бели ленти“, појасни обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска на денешното рочиште.
Пред почетокот на денешното рочиште судот го отфрли како неосновано барањето на првообвинетиот Љупчо Палевски, кој на минатото рочиште по втор пат побара да бидат изземени обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитровска кои го водат предметот, како и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски. Причините поради кои Палевски бараше изземање, се, како што рече, злоупотреба на дејствувањето и пристрасност.
На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.
Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања Ѓорчевска и и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.