сабота, 19 октомври 2024

Објавено е јубилејното издание на целокупното творештво на првата македонска поетеса Даница Ручигај

Објавено на

часот

Сподели

„Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри“ беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот“ постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај, која многумина ја нарекуваат македонската Силвија Плат и амазонка на македонската поезија, остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература, туку и во македонската култура воопшто. Таа со својата исконска физичка и духовна убавина и со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет тргнаа модерните, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Мора да се признае, сакал некој или не, дека во тоа време, крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува вистинска авангарда“, велат Стаменов и Чоловиќ во прилогот на изданието.

Ова јубилејно издание, впрочем како и претходното „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, што Свето Стаменов и Искра Чоловиќ го приредија во 2003 година по повод четириесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса, ги содржи двете нејзини стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, како и двете нејзини последни песни „Кругови“ и „Без наслов“ („Се враќам да ја затворам вратата“) пронајдени во урнатините на нејзиниот дом на падините Водно. Во делот насловен „За Даница кажаа …“, пак, приредувачите даваат кратки размисли и импресии за ликот и делото на поетесата на педесетина научни, културни и книжевни дејци од земјава и од странство. Книгата содржи и комплетна библиографија на книжевниот опус на Даница, како и на секундарната литература за неа (книги, есеи, литературни критики, осврти … аудио и ДВД изданија), како и преглед на културните и научните настани поврзани со нејзиното творештво (промоции на книги, литературни вечери и симпозиуми и сл.) во изминатите шест децении.

Книгата е збогатена и со пригодни текстови посветени на Даница Ручигај и на нејзиното творештво на проф. д-р Васил Тоциновски, литературен критичар, писател и поет; проф. д-р Милан Јазбец, словенечки дипломат, универзитетски професор, писател и поет; проф. д-р Намита Субиото, истакната словенечка славистка и македонистка – шеф на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, д-р Лилјана Пандева, писателка и проф. д-р Димитар Пандев, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и истакнат лингвист, славист и македонист и писател.

Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, досега ги објавија следниве книги посветени на Даница Ручигај и на нејзиното творештво: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020) и „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), како и антологијата на песни посветени на Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“ (2018), а како што веќе е истакнато, беа приредувачи и на книгата на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, која беше објавена во 2003 година по повод четириесетгодишнината од нејзината трагична смрт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ