Инцидентот се случил околу 3:30 часот, а сторителот употребил огнено оружје, потврдија во интервју за радио РТБФ бриселскиот обвинител Џулиен Моинил и градоначалникот на Андерлехт, Фабрис Кампс.
„Едно лице е рането со куршум во ногата и пренесено во болница“, соопшти бриселското обвинителство. Веднаш по пукањето, на местото на настанот пристигнале истражители, федералната полиција и балистички експерт за да спроведат истрага.
Ова е втор инцидент за два дена во Андерлехт. За разлика од пукањето во средата, овојпат сообраќајот на метрото не беше прекинат, иако еден влез во станицата беше затворен, соопшти бриселскиот јавен превозник СТИБ.
„Во последните 24 часа имаше три пукања: две во Андерлехт и едно во Сен Жос-тен-Ноде. Не знаеме со кого си имаме работа, но имаме двајца осомничени по кои во моментов се трага“, изјави Моинил. Тој додаде дека престрелките се поврзани со територијален конфликт меѓу неколку наркобанди.
„Уште колку смртни случаи ќе ни бидат потребни за да имаме одговор сразмерен на сериозноста на ситуацијата? Трговијата со дрога стана толку широко распространета, а парите вклучени во неа толку големи, што се водат војни“, рече тој. „Клучно е да се заземе решителен став за привлечноста на дрогата во Брисел.“