Во интервју за британскиот подкаст Д рест ис политикс, Ал Шара оцени дека предлогот на Трамп нема да успее. „Верувам дека ниедна сила не може да го избрка народот од неговата земја. Многу земји се обиделе тоа да го направат и ниедна не успеала, особено за време на војната во Газа во последната година и пол“, кажа тој.
Ал Шара, кој е прогласен за преоден претседател откако неговата џихдистичка група го урна од власта сирискиот претседател Башар ал Асад, кажа дека не би било „ни мудро ни морално правилно“ Трамп да го предводи планот Палестинците да се избркаат од нивната земја.
„Во 80 години од овој конфликт, сите обиди Палестинците да се раселат не успеаја, оние кои заминаа зажалија. Палестинската лекција која ја научија сите генерации е дека е важно да се зачува сопствената земја“, додаде тој.
Египет, Јордан и другите арапски нации силно се спротивставија на какви било обиди за протерување на Палестинците преку граница. Тие стравуваат дека тоа би ги поткопало шансите за решение со две држави, и сметаат дека арапските нации би морале да се носат со последиците.