понеделник, 21 октомври 2024

Новиот претседател на Аргентина: Ќе ја обновам земјата

Избраниот претседател на Аргентина, ултралибералниот економист Хавиер Милеи, во својот победнички говор најави „обнова на Аргентина“ и како поборник на економската шок терапија, предупреди дека нема да има полумерки.

Објавено на

часот

Сподели

„Историска ноќ за Аргентина“, рече Милеи пред илјадниците свои приврзаници во изборниот штаб во Буенос Аирес. Во вториот изборен круг Милеи вчера со 55 отсто од гласовите го победи министерот за економија Серги Маса (центар).

„Ова е крајот на моделот што ја осиромашува кастата, денес го прифаќаме моделот на слободарството (либерализмот) за повторно да станеме светска сила“, рече новоизбраниот претседател на Аргентина.

„Соочени сме со огромни проблеми како што се инфлација, стагнација, немање работни места, несигурност, сиромаштија и беда“, наброја тој. „Ќе можеме да ги решиме овие проблеми само ако прифатиме нови идеи за слобода“, додаде тој.

„Нема место за постепени мерки, за млакост и полумерки“, предупреди Милеи, кој веќе две години се залага за шок-терапија на економијата изедена од хроничната инфлација, која се искачи на 143 проценти.

Тој им пружи рака за соработка на сите Аргентинци и на „политички лидери кои сакаат да се приклучат на новата Аргентина“, но ги предупреди и оние кои би можеле да се спротивстават на реформите.

„Има луѓе кои ќе се спротивстават, кои ќе сакаат да задржат систем на привилегии што одговара на малцинството, но го осиромашува мнозинството. Им велам: сѐ што е по закон е дозволено, но ништо не е дозволено надвор од законот“.

Хавиер Милеи ќе ја преземе претседателската функција на 10 декември, наследувајќи го актуелниот перонист (лев центар) Алберто Фернандез.

Противникот на Милеи, Серхио Маса, го призна поразот, а претседателот Фернандез рече дека „верува дека може да започне да работи со Хавиер Милеи за да гарантира уредна транзиција“. Светските лидери денеска му честитаа на политичкиот аутсајдер Милеи за изборната победа.

„Демократијата е гласот на народот и таа секогаш мора да се почитува. Им честитам на аргентинските институции за спроведувањето на изборниот процес и на аргентинскиот народ кој учествуваше на денот на изборите на уреден и мирен начин. На новата влада ѝ посакувам среќа и успех“, изјави бразилскиот претседател Луис Инасио Лула Да Силва.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, му честиташе на Милеи за победата, пишувајќи на социјалните мрежи дека со нетрпение очекува да изгради силна врска заснована на човекови права, демократски вредности и транспарентност.

На аргентинскиот либерал му упати честитки и поранешниот американски претседател Доналд Трамп. „Целиот свет гледа! Многу сум горд на тебе. Ќе ја промените вашата земја и навистина ќе ја направите Аргентина повторно голема“, порача Трамп преку социјалните мрежи.

Самопрогласениот анархо-капиталист Милеи им вети на гласачите радикален пресврт: тој сака да ја укине централната банка и националната валута и да ја замени со американскиот долар, да укине многу министерства и радикално да ги намали издвојувањата за социјалната политика.

Радикалната програма предложена од Милеи е особено популарна меѓу младите кои во својот живот знаат само за постојани кризи и се разочарани од политичкиот естаблишмент и сакаат нешто сосема ново.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ