петок, 7 февруари 2025

Нови кривични дела и строги санкции во сообраќајот најавија министрите Филков и Тошковски

Посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ кој ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата, најави министерот за правда Игор Филков на денешната јавна расправа на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците посветена на потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање на седницата рече дека името на Фросина Кулакова стана симбол на неправдата која трае предолго, на системот што дозволува неодговорноста да остане неказнива и на итната потреба за промени што не смееме повеќе да се одложуваат.

Објавено на

часот

Сподели

Во контекст на актуелните случувања во однос на безбедноста во сообраќајот во нашата држава, Министерството за правда е фокусирано на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, со кои ќе се придонесе за значително зајакнување на безбедноста во сообраќајот, рече Филков на јавната расправа во Собранието.

„Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции“, рече Филков пред пратениците и претставниците на институциите.

Треба да има казни соодветно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект

Министерот Филков смета дека при изготвување на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се тргне од тоа дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект. Покрај тоа, вели тој, важно е да се изврши консултација со граѓаните, граѓанскиот сектор, експерти, универзитетската фела, адвокати, поранешни судии, преку анкети и јавни расправи, за да добиеме мислење и да се осигураме дека новите закони одговараат на потребите на општеството.

„Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, рече тој.

Овие измени, според него, ќе придонесат за создавање на поефективна правна рамка со која ќе се подобри безбедноста во сообраќајот и ќе ги мотивираат возачите да ги почитуваат сообраќајните правила.

„Изрекувањето на санкциите треба да оди во насока на примена на одредбите, соодветна квалификација на делото, а со самото тоа и соодветно санкционирањe, како и заострување на казнената политика за рецидивистите, со акцент на возачи кои учествуваат во сообраќајни незгоди со смртни последици. Судската пракса треба да се темели на почитување на законските начела, со посебен акцент на непристрасноста при донесувањето на одлуки и независноста на судиите во постапувањето. Поради тоа, судиите мораат да ги применуваат одредбите на законот во целост, да го земат во предвид секој поединечен случај и да осигурат дека казните се во согласност со тежината на делото“, рече Филков.

Министерот смета дека треба да се примени превентивен пристап за да се спречи можноста за  повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот. Ова, според Филков, ќе ги мотивира возачите да ја подобрат својата сообраќајна култура и да ги почитуваат сите правила.

При измените на Кривичниот законик важно е да се разгледаат и применат добрите практики од компаративните искуства на други земји, со посебен акцент на правните решенија од земји како што е Република Хрватска и други.

Филков информираше дека министерствата за правда, за внатрешни работи, – судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во контекст на овој процес, формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

„Новите измени и дополнувања во Закон за прекршоци ќе вклучуваат: Посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city). Овој систем ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата“, најави министерот за правда.

За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд, а во случај на сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот, вели тој, ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола.

„Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата. Оваа казна има за цел да спречи понатамошни трагични настани на патиштата и да се обезбеди поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот“, рече Филков.

Сите измени, додава тој, во оваа насока имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици, и да ги заштитат животите на сите учесници во сообраќајот.

Огромен е расчекорот помеѓу пријавените и осудените прекршители

Името на Фросина Кулакова стана симбол на неправдата која трае предолго, на системот што дозволува неодговорноста да остане неказнива и на итната потреба за промени што не смееме повеќе да ги одложуваме. Нејзиниот случај не потсетува и на една горчлива вистина дека во текот на 2024 година изгубивме 142 животи во сообраќајни несреќи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање пред присутните.

„Денес не сме овде за политички препукувања тука затоа што изгубивме млад живот што не смееше да биде изгубен, трагедија која не есамо болка на едно смејство туку сурово огледало на реалноста во коај сите живееме оваа трагедија дополнително го разоткри нефункционалниот систем што не успеал да ја заштити безбедноста на граѓаните, систем што дозволувал рецидивисти да бидат на улиците место во затворите и да одзмета човечки животи. Фросина Кулакова не е само име на прекрасна млада девојка која што имаше цели  соништа и живот пред себе, таа стана симбол на неправдата која трае предолго, на системот што дозволува неодговорноста да остане неказнива и на итната потреба за промени што не смеме повеќе да ги одложуваме. Нејзиниот случај не потсетува и на една горчлива вистина дека во текот на 2024 година изгубивме 142 животи во сообраќајни несреќи. Последните три години бројката на загинати во сообраќајни незгоди е нешто помалку од 400, тоа не се само бројки и секој од тие загубени животи е трагедија бидејќи нивната загуба е подеднакво болна и нивната правда е подеднакво важна“, рече Тошковски.

Тој доаде дека го разбира гневот на јавноста кој не е само поради една трагедија туку поради системот кој остава простор за неказнивост, селективна правда и луѓе кои повекекратно кршат закони без последици.

„Ова не проблем на еден човек, институција или Влада, ова е проблем на целото оппштество и затоа мораме конечно да работиме на решенија што ќе овозможат вистински птомени. Културата на протекционизам на неказнивост создава социопатолошки поведенија особено кај младите. Кога системот испраќа порака дека правилата не важат за сите тогаш добиваме генерации кои веруваат дека можат да прават што сакаат без последици. Но тоа мора да престане, законите не семеат да бидат само мртво слово на хартија, мора да бидат импелментирани и доследно почитуивани“, нагласи Тошковски.

Еден од проблемите во сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Овој систем на компромиси и полуправда мора да биде разбиен и да се воведе систем на ефективна контрола и стоги санкции, особено за рецидивистите..

„За тоа е потребна институционална вмреженост која овомзможува навремена и ефикасна размена на податоци. Токму затоа како Влада работиме на итна дигитализација и интероперабилност на системите за сите податоци да бидат автоматски достапни на инстуциите за да неможе никој да избега од одговорност. Ова не е само административна промена туку суштинска реформа што ќе донесе вистинска ефикасност и транспарентност на системот. Но ако сакаме вистина ефикасност треба да погледнеме и во себе. Да се запрашаме колкумина од нас седнуваат зад волан после испиени неколку чашки алкохол. Колкумина возат побрзо од дозволеното, колкумина даваат на гас кога ќе светне жоплто светлио насемафорот наместо да кочат, колку тѕатковци гордо се фалат дека нивните синови научиле да возат автомобил пред да положат возачки изпит, колкумина од нас кога ќе направт прекршок прво бараат пријател кој ќе им ја скине казнаат“, рече министерот.

Тој подвлече дека проблемот не е само со неказнивоста не е само во законите, туку, вели, што сеуште заедно дозволувма да нема систем, а законот мора да важи еднакво за сите. Фокусот не смее да биде само на законите, на заострување на казните туку во градење на систем кој како што рече, ќе овозможи конкретно елимирање на неказнивоста. Превенцијата е ваќно според него, но подеднакво важно е да имаме ефикасен систем за  евиденција на рецидивистите со строги санкции што навистина ќе се спроведуваат, за да не се дозволи повторување на исти опасни поведенија.

Тој нагласи дека е потребно да се обезбеди дека санкциите се спроведуват доследно и континуирано, а не само периодично при засилени акции на МВР кога е зголемен фокусот на јавноста, што може да се постигне со дигитализација и автоматизација.

„За таа цел веќе неколку месеци работиме на целосно и ефикасно имплементирање на системот Безбеден град, кој ќе опвозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци преку целосно дигитализирање на процесот при тоа комплетно елиминирајќи го човечкиот фактор и можноста за злоупотреби. Исто така, испланиравме средства за поставување на камери и во другите градови низ државата така што овој систем од ‘безбеден град’ ќе прерасне во ‘безбедна држава’“, нагласи Тошковски.

Во делот на законските измени, тој смета дека е неопходно ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци.

„Сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекувва парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор. Мора да се предвиди и инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, затоа што бројките се страшни – во 2022 година биле констатирани 16.359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а во 2024 година 19.000 прекрошци. Исто така размислуваме и за воведување на задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење“, подвлече Тошковски.

Во текот на анализите и изработката на промените на законите во делот на сообраќајот, биле воочени вели тој и проблеми и со спротивности помеѓу законите кои ја регулираат оваа материја.

„Еден пример е кај забраната за управување со моторно возило. Законот за прекрошци вели дека забраната почнува да тече од денот на евидентирање на истата во возачката дозвола, додека во законот за извршување на санкции стои дека забраната почнува да тече од денот на внесување на истата во досието на возачот. Друг проблем во овој контекст е што некогаш судовите писмено го известуваат МВР за изречена забрана дури после 3-4 месеци. Затоа, работиме на измени кои ќе го поедностават и забрзаат овој процес и ќе предвидат внесување на забраните во системот преку електронска комуникација на судовите и МВР, се со цел да нема простор за манипулација и ненавремено внесување на забраната“, вели Топковски.

Се работи, наведе тој и на проширување на можностите на системот “безбеден град“ во делот на автоматско санкционирање на нерегистрирани возила. Во подготвителна фаза се на набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол.

„Нашата одговорност не завршува со оваа расправа. Ова не смее да биде уште еден случај што ќе предизвика бурни реакции, а потоа ќе биде заборавен. Одлуките што ќе ги донесеме сега ќе бидат пресудни за тоа дали ќе изградиме општество во кое владее ред и закон или ќе продолжиме да живееме во средина каде што беззаконието и неказнивоста стануваат норма. Имаме можност што не смееме да ја пропуштиме, можност да направиме вистинска промена – промена што ќе спаси животи, што ќе донесе правда и што ќе обезбеди систем што ќе функционира за сите граѓани, подеднакво“, порача Тошковски.

Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на булевар Партизански Одреди од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.

Според најавите, јавната расправа се очекува да трае околу два часа, а на неа се поканети претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, судии, јавни обвинители, невладини организации, медиуми и останати општествени чинители.

Иницијативата за одржување на јавната расправа беше поднесена во понеделникот од страна на пратеници од владејачките ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, а поддршка дадоа пратениците од сите политички партии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ